Skip to main content

Уште едно непроспиено лето за охриѓани поради проблемот со бучавоста

Граѓаните се жалат на неподносливата бучавост, кафетериите и плажите секојдневно организираат настапи на балкански пејачи, а надлежните велат дека пишуваат соодветни пријави за оние кои не го почитуваат законот.

 |  Мишел Наумоски  | 
bucava

Шпицот на туристичката сезона во Охрид, ни ја донесе препознатливата слика и звук во доцните вечерни, па и раните утрински часови. Уште едно лето, охриѓани, домашните и странските туристи мака мачат и се жалат на бучавоста која ја создаваат дел од кафе баровите и угостителските објекти лоцирани на плажите на охридската ривиера. Долги и непроспиени летни ноќи, луѓе што се приморани да ги затвораат прозорите за да се помачат да заспијат на високите температури дури и во вечерните часови. Ова се условно симптомите кои голем број на граѓани ги чувствуваат деновиве, па и години наназад, а се чини дека барем засега, за истите нема лек. Ги запрашавме граѓаните, дали тие можат мирно да спијат со рефрените кои се слушаат до раните утрински часови.

bucava na leto„После 12 часот многу гласна музика доаѓа од таму најверојатно од пристаништето, многу гласна е музиката. Стварно не може да се спие.“

„Можеби од пред 15 години откако сум населен тука не да е прегласна туку катастрофа е, и поедини кафетерии или ресторани, еве таму зградата е приватна, станови таму, а таква музика, пример вчера во пет саатот беше толку гласно не знам дали луѓето покрај толку скапо платени станови имаат мир таму.“

„Тој што е наработа треба да се одмори, како ќе работи утре ако не е одморен. Плус тоа треба да се ограничи до колку сатот. Слушам ноќеска беше така во два саатот слушам музика јачи, не знам.

kafici bucava„Ова е проблем кој се провлекува повеќе од една деценија можеби и никако да се најде решение за тоа. Ние сме свесни дека сопствениците на тие кафетерии, ноќни клубови се обидуваат токму во летниот период да направат некој профит, но и за тоа има соодветно решение, да се намалат децибелите, да се направи некоја изолација.

„Таа музика е навистина е многу гласна и до многу доцна е пуштена. Не треба до толку да е гласна, таа музика треба да ја слушаат само тие што платиле за да ја слушаат, а не цел град, исто така заморува и помлади и постари луѓе, до толку касно свири а некој треба да стане рано за наработа и тоа навистина смета, будни се.“-рекоа дел од нив.

bucava ugostitelski objektiДеновиве се позачестени се и коментарите на социјалните мрежи. Некои од нашите сограѓани, па и туристи влегуваат во жестоки дискусии поради проблемот со бучавоста. Се чини дека полесно е да се напишат зборовите на фејсбук отколку истите да се артикулираат пред нашата камера. Сепак факт е дека социјалните мрежи се преплавени со коментари за неподносливата бучавост која се провлекува години наназад.

Ви пренесуваме дел од нив: 

“Абе дан се забавиве за лица со оштетен слух…зш цел Охрид слушат, не само Кадмо…погласно да не мојт да бидит…”

star del bucavost“Охрид е центар на забавата за тие шо се гости, можда. Ама за сите луѓе шо живеат во градот и околината и шо имет ноќи непреспани, не знам колку е. Веројатно не би бил проблем настапите да се до полноќ, ама обично почвет оттогаш, па све до раните утрински часови.”

“На одмор се очигледно како и секоја година надлежните кои треба да ја мерат звучноста во локалите…”

“И вечерва не се спие од неподносливиов шунд. Се прашувам што си мислат, како се чувствуваат и како го преживуваат својот престој во исконскиот град на културата, туристите кои дошле да се одморат и да уживаат во мирот и убавините на вечниот Охрид.”

nokni svirki Ohrid“Охрид ечи од најсељачка музика со публика во делириум!!!! ГРЕОТА! Греота и за месечинава над езерото и за одблесокот и за сите убави куќички и цркви и греота за најубавиот залез. Ние сме загреота. СИТЕ!”

За волја на вистината дел од нашите сограѓани кои своите ставови ги искажуваат на фб поканивме да го кажат својот став јавно, но никој не се охрабри да застане пред камера. Најповикани за справување со бучавата се надлежните од општинскиот инспекторат. ТВМ достави уредно барање пред три дена до инспекторатот и до секретарот на локалната самоуправа да ни биде обезбедено лице кое ќе може да одговори на нашите прашања поврзани со заштита на граѓаните од бучавост.

nadlezni bucavostОд општинскиот инспекторат не одредија стручно лице кое пред камера ќе одговори на прашања кои се во интерес на јавноста а во врска со заштита на граѓаните од бучавост. Очигледно нема волја да се излезе пред граѓаните и да се појасни зошто надлежните не се справуваат со овај проблем кој се повторува секоја сезона.

Место интервју, како што баравме, добивме неколку реда сувопарно соопштение. Ви го пренесуваме во целост:

„Општинските инспекциски служби во координација со Државниот инспекторат, во изминативе два дена извршија контроли во повеќе угостителски објекти. При тоа, во два објекти констатирани се повеќе прекршувања на законот и поднесени се сооддветни пријави ( меѓу кои и за бучавост) и одредени се парични глоби. Општинските инспекциски служби и во наредниот период ќе продолжат со перманентна контрола, а за непочитување на законските прописи ќе следат казни за прекршителите.“

revoltirani gragjani bucavostИнаку, уште кога се носеше одлуката во градскиот совет за продолжување на работното време на угостителските објекти за оваа туристичка сезона, ТВМ ги пренесе ставовите на жителите од УЗ Стар Град кои реагираа дека со оваа одлука се зголемува и нивниот долгогодишен проблем со прекумерна бучава од локалите. Тогаш Секретарот на локалната Димитар Спасески дециден:

„Нормално е во овој период од годината да се донесат одлуки за продолжување на работното време во угостителските објекти како што впрочем тоа се прави секое лето, но секако тоа да биде во склоп со законските одредби што значи почитување на тоа работно време и почитување на дозволената бучавост во локалите“-изјави секретарот Спасески на 15ти јуни оваа година.

Сега јавноста очекува да слушне зошто законските прописи не се почитуваат како што беше ветено. ТВМ и понатаму ќе настојува да добие дирекни одговори на нашите прашања од надлежните во општинскиот инспекторат место кратки соопштенија од одделението за односи со јавност.