Страста на неповторливото танго пренесена преку звуците на „Танго компас“
Љубителите на музиката ќе имаат неповторлива можност да слушнат пресек на танго музиката од класиците на Пјацола па се до современите автори.
Многу енергија, голем музички набој, страст и огромно уживање на фестивалската публика. Виртуозните, виолинистот Стефан Миленковиќ и Марко Хатлак на хармоника ќе ги пренесат страствените ноти на неповторливото танго. Условно „детето“ на Охридско лето, Стефан Миленковиќ вели дека чувството е неверојатно да се биде повторно во Охрид и на Охридско лето. Овој пат за публиката доаѓа со проектот „Танго компас“.
„Овој проект е една наша страст, нешто што ги комбинира и нашата професија и нашите животи и индивидуално како членови на групата но тоа се комбинира и со нашето хоби, јас сакам и да танцувам танго, така да тоа ми е некако природно тоа да го направиме заедно, а сепак да истражуваме и тоа да не е лимитирано и да не е стопроцентно традиционално и тоа е како ние го гледаме тангото, енергија, танц, страст и ќе уживаме утре.“-вели Стефан Миленковиќ, „Танго компас“.
Марко Хатлак, виртуозот на хармоника кој е дел од проектот „Танго компас“ вели дека за него е привилегија да настапува на Антички театар. За публиката вети едно прекрасно доживување.
„Тука сакавме да го споиме џезот и класичната музика што во суштина е и тангото, тоа не е ни класика ама не е ни џез, туку е некаде измеѓу. Има некој класичен облик на култура, но има и многу импровизации па сакавме да истражуваме во тој дел. Репертоарот ќе биде од тие стари мајстори, па до новите, како и од наши оригинални композиции. Напишав неколку работи баш за овој проект и се надевам дека публиката тоа убаво ќе го прифати. Така да сите сме полни со енергија за утрешниот концерт“-рече Марко Хатлак-„Танго компас“
Со проектот „Танго компас“ тие настапувале на поголемите фестивали во регионот како оној во Дубровник, потоа на Сплитско лето, во Сава центарот, на Љубљана фестивал што според нив било убава можност да се испроба ова нивно музичко чедо на различни музички боишта. Охриѓани и сите посетители на Охридско лето ќе можат да уживаат во нивната музика утревечер на Антички театар со почеток од 21 часот.