„Слуга на двајца господари“, комедија за напорот на истрајните вљубени, невини, млади карактери
Работена по текстот на Карло Голдони, но прилагодена на нашата македонска современост, оваа претстава ќе ја одиграат заеднички турскиот и албанскиот театар од Скопје.
Три јазици, македонски, албански и турски испреплетени еден со друг, а јасно покажувајќи ја истата љубов помеѓу невините млади карактери. Театарската претстава „Слуга на двајца господари“ работена според текстот на италијанецот Карло Голдони, преработена и прилагодена на современото живеење ќе биде новото уживање за посетителите на Охридско лето.
„Во нашиот современ живот и љубовта и лебот, малку влегоа во потешки димензии. Светот стана малку бетон, малку асфалт, малку стакло, многу пластика. Дојдовме во таква состојба да сега почнавме да произведуваме и ѓубриште, во ова денешно современо ѓубриште, за мене во овој современ живот беше многу интересно двајца вљубени од два различни етнички света и уште еден сиромав кој ќе се бори за својот леб беше многу интересна тема. Ова за мене беше моторот за да се изиграат љубовта и лебот.“-вели Јуџел Ертен, режисер на претставата.
Претставата налик на јазиците кои во неа се говорат е копродукција на турскиот и албанскиот театар од Скопје. Атила Клинче, директорот на турскиот театар, вели дека ова ќе биде една мултикултурна претстава по повод еден убав јубилеј, 65 години постоење и на едниот и на другиот театар.
„Рековме дека за оваа пригода најдобро би било да имаме една комедија. Разговаравме со господинот Јуџел Ертен тоа да биде една комедија која е проверена работа. Ние претходно направивме една претстава со Ертен „Куќа на граница“ каде што се играше на три јазици македонски, турски и албански, и рековме и оваа година би било добро да настапиме со ист рецепт каде што се адаптираше Голдони на наши услови, направивме една комедија, една драматуршка интервенција каде што во претставата се зборува на турски македонски и албански.“-рече Клинче.
Директорот на Албанскиот театар-Скопје, Адем Карага вели дека огромна чест е 65те долги години работа на театарот да се одбележат со една ваква копродукција.
„Ние реално сме толку блиски едни до други да некогаш и забораваме колку сме блиски. Случајно дојдовме до ситуација дека на оваа 65 годишнина да направиме една заедничка претстава, среќа наша беше Јуџел да биде со нас, глумците кои и од двата театри, ние сме толку испомешани, толку фамилијаризирани што забораваме дека ние сме заедно и тука сме.“-вели Карага.
Инаку претставата „Слуга на двајца господари“ ќе биде одиграна вечерва во предворјето на црквата Св.Софија со почеток од 21 часот.