Skip to main content

Локализиран пожарот во Куратица

Пламени јазици опустошија огромна шумска површина во село Куратица, охридско. Пожарот се проширил и зафатил голема површина поради не наверемена реакција на надлежните, однсно екипите на ЈП за стопанисување со шуми „Галичица“, Охрид, како што кажаа од месната заедница на селото и од територијалната противпожарна единица Охрид. Од ЈП молк.

 |  Николоска Биљана  | 

Изгоре голема површина на нискостеблеста и дабова шума во Куратица, охридско. Мештаните и екипи на ТППЕ цели два дена се бореле со огнената стихија, која започнала од Прентов Мост и со брз интензитет се проширила кон шумата. Претседателот на М. З. Горан Ангелоски, вели дека доколку екипите од шумското претпријатие  реагирале навреме штетата би била помала и пожарот ќе се локализирал за пократко време.  Ангелоски информира дека за состојбата лично го информирале секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески кој веднаш ноќта пристигнал со противпожарната екипа од Охрид.

„Се претпоставува дека е подметнат со оглед на локацијата каде е избувнат. Првиот ден тој имаше мали размери, очекувавме дека надлежните односно шумското претпријатие ќе презема мерки и ќе има сила да спречат натамошно ширење. Се мобилизиравме екипи од мештани на Куратица три џипови и на приколку беа товарени цистерни со вода и заедно околу 20 членови заедно со луѓето од пожарна се упативме на местото викано „Високо дрво“ каде што престоеше голема опасност да пожарот продолжи кон селото Куратица – вели Ангелоски.

Надлежните екипи од шумското претпријатие пристигнале околу 6 часот откако пожарот веќе бил под контрола и локализиран, појаснува Ангелоски. Тој категоричен дека надлежните треба подетално да ја испитаат работата околу пожарот во Куратица бидејќи во нивните селски кулоари наголемо се ширеле муабети дека пожарот е подметнат за приватни зделки. Командирот на ТППЕ Спасе Прентоски, вели дека веднаш после повикот на 193 било интервенирано од нивна страна и покрај фактот што во ноќни услови шумските пожари биле тешки за гаснење. Тој додаде дека и месното население многу им помогнало во локализација на огнената стихија. Прентоски нагласи дека во услови на високи температури кога престои голема опасност од пожари, сите треба да бидеме опрезни, посебно ЈП за стопанисување на шуми, бидејќи заштитата од пожари е нивна должност.

„За жал изостана координацијата вчера и завчера во поглед на поддршка на ЈП за стопанисување со шуми Галичица, Охрид и затоа пожарот се прошири од местото викано Прентов Мост кон Куратица во планините каде што местото не е пристапно. На задоволство можам за денес да констатирам дека ЈП е мобилизирано со 50 тина работници кои сега се на терен, вршат противпожарно обезбедување и на одредени места каде што ќе се појави оган тие вршат гаснење – изјави Прентоски.

Не успеавме да добиеме одговор од ЈП за стопанисување со шуми „Галичица“, зошто задоцниле со нивна интервенција иако навремено биле информирани. Одговорните не одговорија на нашите телефонски повици. Инаку, апелот и на претседателот на М.З. и на командирот на ТППЕ,  е сите граѓани на подрачјето на општина Охрид, да бидат внимателни со оган на отворено место и доколку забележат пожар веднаш да пријават на 193. Ако пожарот е од помал обем да интервенираат доколку не е доведена во прашање безбедноста на нивниот живот.

{loadposition content9}