Охрид и Струга подготвени за ЕП во кошарка за кадетки до 16 години
Според организаторите на првенството, Македонија на овој турнир ќе атакува на што е можно повисок пласман, па и борба за медали.
При крај се подготовките за почетокот на европското првенство во кошарка за кадетки до 16 години. Охрид и Струга ќе ги пречекаат дваесетте европски кошаркарски репрезентации кои ќе се борат за пехарот и европскиот трон. Претседателот на организациониот одбор, Абдураим Бајрактар вели дека сите подготовки се движат според предвидениот план, обезбедни се салите каде ќе се играат натпреварите, како и сместувањето на репрезентативките. Според Бајрактар ова европско првенство е одлична можност да се покажеме како добри домаќини.
„Прво имаме дваесет учесници, тоа е една сериозна прилика за целиов регион, Охрид, Струга и Македонија за една презентација, знаете дека овие држави секојдневно ќе информираат од Охрид и СТруга така да е одлична можност да се промовира и Охрид и Струга и целиот регион и Македонија. Ова е една убава можност и мислам дека на најдобар начин ќе ја искористиме.“-вели Абдураим Бајрактар, претседател на организационен одбор ЕП во кошарка кадетки до 16 години.
Бајрактар воедно смета дека младите македонски репрезентативки имаат сили да се борат и да постигнат забележителен успех.
„Мислам дека имаме добри изгледи бидејќи ова е една од најталентираните генерации, генерација која има иднина во нашата женска кошарка, нашите очекувања се високи очекуваме висок пласман, во разговорот со стручниот штаб, со селекторот Ѓоровиќ неговите очекувања се дека екипата може да стигне и до еден од медалите, што ние искрено би сакале да се случи.“-рече тој.
Натпреварите од европското првенство, репрезентативките ќе ги играат во салата „Билјанини Извори“ во Охрид како и спортската сала Тими во Струга. Македонија за прогрес во наредната фаза ќе се бори во Д групата против репрезентациите на Финска, Белорусија, Израел и Литванија.
Европското првенство започнува на 13ти август, а ќе трае до 23ти. Инаку неколку дена пред почетокот на првенството, на 8ми август Охрид ќе биде домаќин и на презентацијата на трофејот од европското кошаркарско првенство, при што граѓаните ќе имаат можност непосредно да го видат пехарот, но и да ги видат македонските кошаркарски репрезентативци и дел од легендите на македонската кошарка.