Skip to main content

Охридските автопревозници ги добија дозволите за вршење на линискиот превоз

Добиени биле дозволи за вкупно единаесет вакви линии од кои општината ќе инкасира нешто повеќе од 7 и пол милиони денари. Од локалната велат дека овие средства ќе бидат искористени за одржување на автобуските постојки на територијата на целата општина.

 |  Мишел Наумоски  | 
avtobusi

Автопревозниците од Охрид ги добија дозволите за вршење на линискиот превоз од населените места до Охрид, и обратно од Охрид кон приградските и селските населби. На јавното наддавање кое за прв пат беше спроведено по електронски пат во општина Охрид, се наддавало за вкупно 11 автобуски линии на територијата на целата општина. Во наредните пет години, општинскиот линиски превоз ќе го спроведуваат четири компании за превоз на патници.

liniski prevoz„Конечно денеска заврши јавното наддавање за добивање на дозволи за вршење на општински линиски превоз, односно дозволи за компании кои вршат превоз на патници од Охрид до приградските и селските населби во општина Охрид. Од 11 вакви линии, на седум линии ќе вози АД Галеб, две линии доби компанијата „Експрес Димакс“, една „Бале Турс“ и една „Алди Митре“ ДООЕЛ-Охрид.“-вели Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид.

Општинскиот линиски превоз иако редовно се одвива, сепак истиот не е без проблеми. Во неколку наврати, што од патниците кои патуваат, што од автопревозниците, се редеа реакции на условите во кои патниците го чекаат линискиот превоз. Немањето автобуски постојки, нивно неодржување, немањето табли со возен ред, узурпацијата на постојките од дивите такси превозници се само дел од проблемите кои беа посочувани. Од локалната ветуваат квалитетен и ефикасен превоз во наредните пет години.

avtobuski prevoznici„Вкупната вредност на овој јавен оглас, односно средствата кои ќе бидат прибрани за локалната самоуправа ќе изнесуваат нешто над 7 и пол милиони денари, средства кои понатака ќе бидат искористени за одржување на автобуските стојалишта односно се она што значи континуирано одржување и безбедно одвивање на овие автобуски линии во период од 5 години. Дозволите се за 5 години и ние се надеваме дека со ова ќе излеземе во пресрет на нашите граѓани кои живеат во приградските и селските населби и ќе имаат квалитетен и ефикасен превоз до Охрид и од Охрид до нивните живеалишта.“-рече Џамтоски.

Останува да видиме, дали конечно Охрид и охриѓани ќе ги добијат долгоочекуваните автобуски постојки за нормално одвивање на линискиот превоз. Во исто време, нејасно е кои автобуски постојки ќе бидат одржувани со прибраните средства од овој јавен оглас, со оглед на тоа дека во моментот скоро и да нема пристојни автобуски постојки на територијата на општина Охрид каде граѓаните би можеле да се засолнат од жешкото сонце или пак од силниот дожд додека го чекаат својот превоз до дома.