Денови на медот за прв пат во Охрид
Денови на медот за прв пат во Охрид.
Охриѓани и гостите можат да вкусат и купат квалитетен планински,охридски мед. На пет штанда пчеларите од околината на Охрид ги изложија медот и производите од мед. Презентацијата на медот предизвика интерес кај посетителите кои сакаа да вкусат и да купат мед.
Организатор на Деновите на медот е Здружението на пчелари од Охрид. Тоа брои околу 40 активни пчелари, кои се бават со пчеларење, напоменува претседателот на „Задружението на пчелари Охрид“, Тони Јосифоски. За жал има случаи кога помладите се приклучуваат кон пчеларењето , но брзо се откажуваат додава Јосифоски. Тој апелира до сите кои ќе почнат со пчеларење да бидат упорни и истрајни. Јосифоски напоменува за да бидат што поуспешни во производството на мед имаат потреба од поголем степен на едукација. Кажува дека за пласманот се борат сами.
„ Најчесто продаваме по пазари, имаме постојани купувачи, нема организиран пласман. За извоз не станува збор, нема доволно производство. Ни треба да се здружиме ние пчеларите. А и едукација ни е потребна за повеќе производство. Засега има само за домашниот пазар“, кажува Јосифоски.
На Деновите на медот, е присутна и добро познатата охридска компанија „Апимел“ од Др. Бачеф. Тие како прозиводители на природни препарати од прополис од неодамна произведуваат и медни препарати. Се повеќе луѓето осознаваат за неговите хранливи и лековити вредности, а посебно за медните прозиводи и прополисот.
„ Ме радува фактото што свеста на населението се менува и се цели кон употреба на прехранбени препарати. Се надевам во иднина ќе се користат прополисот и пчелните производи за лечење и превентива на болести на организмот“, напоменува Наум Трпоски од Апимел Др. Бачеф.
Пчеларите за одржување на Деновите на медот добија поддршка од Локалната самоуправа. Тие ја поддржаа годинешната иницијатива за презентација на охридскиот мед и се надеваат дека таа ќе стане традиционална.
„Ваква манифестација покажува дека Охрид има што да понуди. Ги охарбрувам пчеларите , но и сите оние кои произведуваат здрава храна да го престават своето производство затоа што Охрид има што да понуди. Општина Охрид ќе им помогне на сите кои се занимаваат со тоа“, подвлече Јанев.
Во Охрид има околу 120 активни и пасивни пчелари, кои произведуваат и по 6000 тегли мед во текот на годината. Цената на една тегла високо квалитетен планински мед на пазарот достигнува цена и до 400 денари. Тродневната изложба на мед, медни производи и прополис се одржува на плоштадот Крушевска република кај Чинарот.