Дуке Бојаџиев со концерт насловен „Сон, верба и љубов“
Дуке Бојаџиев со концерт насловен „Сон, верба и љубов“.
Врвниот македонски пијанист и композитор Дуке Бојаџиев, утревечер гостува по втор пат на Охридско лето. По четири години на антички театар Дуке Бојаџиев ќе настапи со различна екипа составена од квинтет и стрин квартет. Покрај Бојаџиев ќе настапат и неговите специјални гости, Мартин Ѓаконоски Шпато, контрабасист кој работи и живее во Германија, перкусионистот од Грција Костас Анастасијадис, македонскиот виртуз на клавир кој живее во САД, Исмаил Романовски, вокалот Тања Царовска и стрин квартетот на Владимир Крстев. Концертот ќе го отвори охриѓанката Мартина Блажевска, која живее во Бостон и студира на Беркли. Екипата на музичари е различна, но емоциите со кои ќе ги изведуваат композициите ќе бидат исти, напоменува Дуке Бојаџиев пред утрешниот настап.
„ Проектот „Сон, верба и љубов“, носи една порака која во корен е македонска и ја пренесуваме низ светот јас и останатите македонски уметници која ќе ја крунисаме со големо задоволство во Карнеги хол на 8 октомври. Овде имаме убава можност да ја претставиме пред охридската и македонската публика“, нагласува Бојаџиев.
Македонскиот новинар во пензија, Свето Стефаноски, приреди изнендување и му врачи уметничка слика на музичарот во знак на благодарност за неговото творештво.
Концертот на антички е во рамките на Фестивалот Охридско лето во соработка со Авалон продукција. Од Авалон се задоволни од соработката со Дуке Бојаџиев и веруваат дека по синоќешниот концерт на Дуке Бојаџиев во Хераклеа утревечер ќе има исто така магичен настап како и оној во Битола. И музичкиот селектор на Фестивалот Гордана Јосифоска Неделкоска е задоволна од тоа што на репертоарот на Охридско лето е долго очекуваниот концерт на Дуке Бојаџиев. Утревечер ќе бидат изведувани музички композиции од филмовите„ До Балчак“, „Сенки“, „Војната заврши“ и композиции од албумот „Љубовта е патот“, но и други композиции кои премиерно ќе бидат изведени на концертот, кажа Јосифоска Неделковска.
„ Се работи за проект кој е фузија помеѓу класична, филмска и изворна музика. Покрај впечатливата изведба на македонски традиционални композиции ќе се чујат и фолклорни елементи од албанска, турска, ромска музика со што се прави автентичен пристап и уникатен начин на заокружување на автентична целина со мајсторски современ пристап како што може тоа да го направи само Дуке Бојаџиев“, напомена Јосифоска Неделковска .
Музичкиот селектор Гордана Јосифоска Неделковска го подвлече задовоството што гостувањето на сите македонски уметници, ансамбли и оркестри даваат значаен допринос за квалитетот на програмата на Охридско лето.