Сликарот од Канада, Мајкл Клосе личната архива ја предаде на охридскиот архив
Сликарот од Канада, Мајкл Клосе личната архива ја предаде на охридскиот архив.
Мајкл Клосе, светски познатиот ликовен уметник од Канада , со македонско потекло, личната архива поврзана со неговото сликарско творештво ја донира во охридскиот архив. Станува збор за негова лична документација од изминативе 4 децении творештво и содржи слајдови од неговите слики, дневници кои ги пишувал во изминатите години, исечоци од весници, преписки од организирање на изложби. Мајкл вели долго размислувал и одлучил дека најдобро место е неговата лична архива да биде донесена во Охрид.
„ Прво едно поголемо мое излегување како сликар, надвор од границите на Канада беше Македонија и државите од поранешна Југославија. Целото творештво е поврзано со Македонија, најубавото нешто беше документите да се донираа тука, а од архивот беа отворени и прифатија“, напоменува Клосе.
Мајкл Клосе е роден и живее во Канада, но не го заборава своето потекло. Во неговото творештво голема улога и влијание има Охрид.
„ Инспирацијата доаѓа природно, корените ми се од Македонија, сопругата е од Охрид и дел од моето семејство живее тука. Секое мое доаѓање во градот кој има долга историска и културна традиција е моја постојана инспирација“, напомeнува Клос.
Сликарот Клосе и неговата сопатничка во животот охриѓанката Менче, историчар на уметност, го контактирале охридскиот архив за нивната идеја. Со задоволство била прифатена и реализирана идејата кажува и директорката на Архивот, Славица Јанкоска.
„ Во овој момент сакам да изразам почит кон нив ја дадоа довербата и ги донираа своите лични документи на понатамошна заштита и чување во Архивот. Мајкл Клосе е светски уметник со над 120 самостојни изложби и учесник во бројни групни изложни“, напоменува Јанкоска.
Мајкл Клосе има над 100 -тина изложби во над 20 земји во светот. Негови слики минатиот месец биле поставени во Прага во македонската амбасадa, во Трпејца и Вевчани, а последната изложба во Охрид била во 2010 година посветена во чест на стогодишнината од раѓањето на Мајка Тереза. Покрај неговата главна преокупација сликарството, Мајкл Клосе се занимава и со графички дизајн и сценографија.