Охридските советници со различни искуства од брзината и содржината на прашањата побарани по писмен пат
Охридските советници со различни искуства од брзината и содржината на прашањата побарани по писмен пат
Советникот од ВМРО НП, Александар Калачоски, на 8 јули на последната седница на советот на општина Охрид, побарал од Советот писмен одговор за проблем од голема важност за велгоштани. Прашал дали Локалната самоуправа и Јавното претпријатие „Градски гробишта“ во Велгошти имаат законска можност и волја да ја дозавршат или изградат капелата во црквата Св. Климент во согласност со црковниот одбор. Рокот на доставување одговор според деловникот е 30 дена, а Калачоски одговорот го добил на 11 август. Вели нема проблем со роковите, но има со содржината во одговорите. Незадоволен е од непрецизниот одговор на прашањето поставено и на последната седница.
„ Добив одговор на 11 август, деловнички се поминати 30 дена , но сум задоволен. Но не сум задоволен од одговорот кој ми е испратен. ЈП Градски гробишта нема законска можност за извршување на градежни работи без налог на Локалната самоуправа. Ова ми личи на префрлање на ЛС, а моето прашање е дали ЛС И ЈП можат да изградат капела во Велгошти, а одговорено ми е ЈП нема законска можност без налог на ЛС“, посочува Калачоски.
На истата седница и советникот од ВМРО ДПМНЕ Дејан Паноски побарал писмен одговор од Советот за ефектот од работата на локалниот економски совет. Паноски вели дека одговор на прашањето добил пред 2-3 дена. Но колку е задоволен од содржината на одговорот не дознавме затоа што советникот го користи годишниот одмор.
Од СДСМ, пак напоменуваат дека добивањето на одговорите зависат од видот на прашањата. За полесни прашања добиваме одговори во законски рок, но не и за најбитните информации, напоменува Јован Стојаноски од СДСМ. За некои суштествени прашања за кои постојат и политички препукувања и до ден денес не сме добиле одговори. Посебно на прашањата поврзани со финансиската ситуација и долгот на општината и на училиштата. Често се шпекулира со 30, 50 милиони долг на општината, но до ден денес не сме добиле одговор колку е вистинскиот долг, кога и во чиј мандат се направени долговите , и кон кого должиме, вели Стојаноски.
„ Ние како советници до нашите органи ги имаме пренесено и во скоро време централните органи на нашата партија ќе реагираат во правна форма според законот. Таму е пропишано ако ние не ги добиеме навреме одговорите дека следува постапка пред управниот суд и ако судот оцени одредува и казни“, подвлекува Стојаноски.
ТВМ се обрати и до неколку други советници од редовите на мнозинството во Советот, но и до советници од други партии, но не беа достапни за коментар. Го контактиравме и одделението за поддршка на Советот. Упативме прашање колку се ефикасни во испраќање на одговорите кои советниците ги побарале да им се достават по писмен пат. Од таму информират дека не водат евиденција туку сите писмени барања ги проследуваат во Кабинетот на Градоначалникот и до стручните служби.