Јапонци се шетаат низ охридските сокаци
Ова лето Охрид е привлечна дестинација за гостите од далечниот исток. Културните вредности кои ги поседува градов и ретките природни убавини кои сеуште се недопрени од човечка рака се она што ги мами да дојдат во Охрид.
Охрид привлечна дестинација за гостите од истокот. Туристи од Јапонија, Кина, Тајван, Тајланд ова лето се шетаат низ охридските сокаци. Туристичките водичи задоволни од посетеноста на градов и од разноликоста на гости кои доаѓаат. Велат дека од април имаат тури со туристи од овие далечни земји кои го откриле Охрид како привлечна дестинација.
Самите културни вредности кои ги имаме на град кој е под заштита на УНЕСКО, околината на Охрид, самото Охридско Езеро и ретките природни убавини кои сеуште се недопрени од човечка рака се она што ги привлекува гостите од источните земји, вели Марина Илиева – туристички водич.
Илиева раскажува дека гостите од истокот се воодушевуваат од убавата македонска храна, од старата чаршија, автентичниот начин на изработка на охридските сувенири, а многу пати и сами влегуваат во работилниците и работат со занаетчиите. Таа вели дека овие гости повеќе ги воодушевува она што е старо и уникатно отколку современите и модерни градби.
Многу им се допаѓа Св. Наум. Еве денес бев со група јапонци кои беа воодушевени од неговите убавини. Тие во себе носат една спиритуалност па ова место е посебно од тој аспект. Сe воодушевуваат и од Плаошник, Св. Софија, Св. Богородица Перивлепта, Канео, всушност Охрид за нив е недопрена убавина, вели Илиева.
Има најави за доаѓање на гости од источните земји и во текот на септември, а туристичките водичи се надеваат дека времето ќе не послужи па сезоната ќе потрае барем до средината на октомври. Тие генерално се задоволни од организираноста на градот за оваа туристичка сезона со некои помали забелешки. Велат дека треба да се поработи на хигиената, да се постават на повеќе места јавни тоалети и чешми како гостите кои шетаат по градот би можеле да се разладуваат. Додаваат дека добро функционираат како еснаф на туристички водичи и дека така е многу полесно да ги решаваат проблемите со кои се соочуваат. Оптимистички велат дека малку по малку се воспоставува ред во оваа фела.
{loadposition content9}