Skip to main content

Градинката „Јасна Ристеска“ доби зелено светло за формирање на групи со поголем број на деца од законски предвидениот

Според опозициските советници, градинката веќе има алармантно повисок број на деца од проектираниот и несоодветни услови за нивно сместување. Директорката на градинката пак вели дека ги исполнуваат сите услови за сместување на децата од предшколска возраст.

 |  Мишел Наумоски  | 
gradinka

Во градинката „Јасна Ристеска“ ќе може да се формираат групи со помал односно поголем број на деца од законски предвидениот. Ваква одлука беше донесена на последна седница на Советот на општина Охрид, а на предлог на раководството на градинката.  Опозицијата беше воздржана во гласањето на предлог одлуката бидејќи велат дека ги разбирале и родителите, но според нив во објектите на „Јасна Ристеска“ во моментов веќе се згрижуваат 347 дечиња повеќе од предвиденото. Советничката од редовите на опозицијата, Оливија Јанева-Пирузева смета дека станува збор за големо отстапување помеѓу нормативите и фактичкиот број на згрижени деца што според неа неизбежно води кон проблеми со нивно сместување и грижење од страна на кадарот во градинката.

gradinka kapaciteti„Да ја прашам директорката како мисли дека на сите овие дечиња кои се многу повеќе според мене, бројката е алармантна, како мисли дека ќе им обезбеди добри услови за престој, кога има 347 деца повеќе, односно на 1012 деца ќе делат простор предвиден за 665 дечиња. Како овие дечиња ќе бидат згрижени, каде ќе седат, каде ќе јадат, во кои услови, во кој простор ќе играат, каде ќе се пронајдат тие услови, ќе се импровизираат? Јас мислам дека оваа работа не трпи импровизација.“-вели Јанева.

Директорката на градинката „Јасна Ристеска“, Розе Костеска вели дека бројките кои стојат во предлог барањето биле од минатата година бидејќи за оваа сеуште е во тек уписот на деца. Според директорката, благодарение на новоотворените објекти во руралните средини, во кои се опфатени околу 120 деца во голема мера се растоварува бројот на згрижени деца кои се над предвидениот норматив.

broj deca vo gradinka„Точно е дека е тешко да се работи со толку голем број деца но имајте предвид и дека во централниот објект имаме и деца кои се од регионот Пештани, Елшани кои во текот на летниот период веќе ќе почне таму да се гради и тој број да се намали за 20 деца. Во текот на годината сите запишани деца знаете не доаѓаат редовно, не се редовно присутни во групите и секогаш три до четири деца, некогаш и повеќе не се дојдени, така да не е проблем тоа да можат да се згрижат децата. Важно е условите кои им ги овозможуваме и кадарот кој што работи, работи многу совесно и си ја работи работата како што треба.“-рече директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костеска.

Опозицијата како катастрофални ги опиша и условите во кои се сместуваат децата во објектите на градинката во руралните средини, односно Лескоец и Велгошти. Додека пак според директорката Костеска, ваквите констатации се неточни бидејќи комисија од министерството за труд и социјална политика досега три пати ги утврдувало условите и проверувало дали новоотворените објекти ги исполнуваат предвидените услови. На последната седница на Совет, беше даден и предлог при креирањето на буџетот за наредната година локалната да ги разгледа можностите за изградба на нови или доградба на дополнителни простории во функција на градинките како би се дисперзирал бројот на дечиња кои се сместуваат над предвидениот капацитет.