Донација мебел за опожарениот стан на Јанкулоски
Хумани граѓани од Охрид со посредство на Центарот за социјална работа денес донираа мебел на семејството Јанкулоски од Охрид, чиј дом беше пеплосан од пожар, пред 20 сетина дена. Директорот на Центарот со апел, сите институции и бизнис заедницата да помогнат со цел да му се помогне на ова семејство.
Пристигна мебел во станот на семејството Јанкулоски, кое пред 20 сетина дена загуби се што имаше во пожар. Штетата од пожарот беше голема, и на семејството ќе треба да му помогнат институциите, бизнис заедницата и граѓаните, истакна Екрем Каљоши директорот на ЦСР од Охрид. Додаде дека со нивно посредство во рамки на проектот „Топол дом“ успеале да ја завршат денешната активност и малку да им ги подобрат елементарните услови за живот.
„Согледувајќи ја потребата на ова семејство за одредени потреби за домаќинство, хумани граѓани се пријавија да донираат мебел. И денеска ја реализиравме таа активност, ние увидовме дека ова семејство има потреба и од други средства, ќе направиме напори да упатиме повик и се надеваме дека општествената заедница ќе се понуди да му помогне на ова семејство“ – вели Каљоши.
Животот ми донесе многу непријатности, но пожарот дојде неочекувано и ме врати повторно од игла да созадавам се, раскажува Киро Стојанов Јанкулоски. Неговата животна битка за опстанок на семејството не била лесна, работел во рудници и железара во Скопје, па во Охрид бил ангжиран сезонски, а сега неколку години е невработен.
„Моментално најнеопходно ни е да се средиме со струјата, ќе одиме до ЕВН со цела документација, немаме печка, телевизор, прозорци и врати се комплет оштетени“ – кажува Јанкулоски.
Семејството Јанкулоски, искажаа голема благодарност на сите хумани граѓани и до вработените во ЦСР кои професионално пристапиле да понудат и донесат помош. Велат дека сеуште не можат да си дојдат при себе после несреќата која ги снајде, но животот тече понатаму. Тие се надеваат дека охридските стопанственици ќе им помогнат околу санирање на станот и дограмата. Инаку, пожарот избувна на 12 август годинава во станбена зграда на бул. Туристичка на излезот од Охрид. Огнот од непознати причини избил во стан на четвртиот кат од северната страна на зградата.
{loadposition content9}