Нема веќе деветтолетка во Велмеј-револтирани родители се жалат дека децата им биле префрлени во несоодветни услови во училиштето во Лешани
Според нив, тие за префрлањето на нивните деца во Лешани дознале на само ден пред почетокот на учебната година. Директорот на основното училиште „Дебрца“ вели дека одлуката за префрлање е од минатата година.
Единствените четири дечиња од Велмеј кои од годинава се шестоодделенци, наместо во основното училиште во родното место, понатамошната настава до деветто одделение, ќе ја држат во соседно Лешани. Нивните револтирани родители се незадоволни бидејќи сметаат дека училиштето во Велмеј има подобри услови за одвивање на наставата, но револтот кај нив најмногу се создал бидејќи тие тврдат дека управата на основното училиште не ги известило навремено дека нивните ученици ќе бидат префрлени во Лешани. Дополнително, родителите реагираат и дека нивните деца по префрлањето во Лешани, наставата од почетокот на оваа учебна година ја држат во неприфатливи услови.
„Према изјавата негова, дека наставата се одржува во ходници и дека тука во истиот момент има движење на луѓе, наставници, не е возможно настава да се одржува во такви услови.“
„Ми вика ќе има ново школо. Каде е школото ново? Ќе било во изградба од Холандија во Октомври, во ред, направи го школото, дај услови, и викни ги тогаш децава, пред се мене како родител ќе ме викниш и ќе ме известиш. Му реков на директорот да ми каже кој родител бил известен и ги собра рамениците. Не знае ништо да каже. За детето мое судбината не може никој друг да ја крои освен јас како родител. Јас сум жртва за моето дете и ќе бидам. Ако треба ќе го испишам ама во онакви услови не го пуштам детето.“-рекоа дел од родителите.
Го контактиравме и директорот на училиштето, Иван Димоски. Тој вели дека го разбира револтот на родителите во однос на префрлањето, но дека едноставно во Велмеј нема ниту едно дете од седмо, осмо и деветто одделение како и тоа дека одлуката за затворање на деветтолетката во Велмеј е од минатата година. На прашањето зошто не биле навремено обезбедени соодветни услови за држење настава иако станува збор за одлука од минатата година, Димоски со одговор:
„Јас сум директор на 11 подрачни училишта, имам и раководители и класни раководители, распоредот на училниците по ученици искрено да ви кажам можеби баш за во Лешани не сум погледнал добро, да ја префрлам дел од вината и на мене, не сум поводел сметка кои деца каде се ставени ама тоа на лесен начин беше исправено, јас веднаш поводив сметка како што треба да се направи. Тоа што побараа од мене за условите, одма го направив. Ставив и компјутери и друга просторија, друга училница им дадовме на децата која што ја сакаат тие.“-вели директорот на ОУ „Дебрца“, Иван Димоски.
Со оглед на тоа дека основните училишта се под закрила на локалните самоуправи, за ова прашање побаравме став и од градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски.
„Јас како градоначалник сум против ваквото префрлање бидејќи сепак децата заслужуваат каде што имаат услови, односно каде што им е поблиску до нивните домови, да не се малтретираат со патување, меѓутоа, јас како градоначалник ми се дотука ингеренциите и мора да се почитуваат одлуките на советот. Во однос на условите се има надлежни институции тие треба да си кажат за тоа.“-рече градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски.
Инаку според објаснувањето на директорот на основното училиште „Дебрца“, одлуката за затворање на деветтолетката во Велмеј била неизбежна. Тој вели дека ситуацијата настанала уште пред три години кога неколку ученици од Лешани кои почнувале седмо и осмо одделение морале да патуваат до Белчишта за таа цел, а во меѓувреме школото во Лешани би имало технолошки вишок на наставници. За да не дојде до тоа, а воедно и учениците од Лешани да продолжат да си учат во нивното училиште, било одлучено да се побара од локалната, формирање на паралелки до деветтолетка во Лешани, а во тоа време пак, во Велмеј немало ниту едно дете кое посетувало настава во седмо и осмо одделение. Во однос на условите во кои се одржува наставата, директорот најави дека од наредната година започнуваат со изградба на ново училиште во Лешани кое би ги задоволило сите услови.