СДСМ: Градежниот шут од реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ заврши врз изворот со вода за пиење во Долно Лакочереј
Тие бараат надлежните служби веднаш да го остранат градежниот шут. Додаваат дека за можните последици од истоварањето на истиот во населено место, одговорност ќе носат градоначалникот Бакрачески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Општинската организација на СДСМ Охрид со обвинувања до локалната дека градежниот шут од реконструираната улица „Питу Гули“ завршил врз главниот извор од кој Долно Лакочереј се снабдува со вода за пиење. Од таму додаваат дека добар дел од шутот бил депониран и долж речното корито на Коселска река која поминува низ ова населено место. Од СДСМ велат дека на повидок е еколошка катастрофа, а градоначалникот Бакрачески молчи.
„Зошто молчи Бакрачески? Дали можеби затоа што овие купишта шут се од реконструкцијата на улицата Питу Гули? Дали жителите на Лакочереј се должни да плаќаат еколошки данок од реновирањето на улицата Питу Гули? Дали секогашкога нешто ќе посегне да направи охридскиот градоначалник, нешто друго ќе расипува? Според постапките што ги прави, Никола Бакрачески покажува дека ниту е заинтересиран за потребите на граѓаните, ниту пак за животната средина, освен да задоволи бизнис апетити.“-вели портпаролот на СДСМ од Охрид, Александар Кузески.
На новинарско прашање како се дошло до информацијата за депонираниот шут и зошто дури сега истата се обелоденува со оглед на времетраењето на реконструкцијата на „Питу Гули“, од СДСМ со одговор:
„СДСМ е во постојана комуникација со жителите, и од информации од жителите кои живеат во Лакочереј, ние имаме информации дека во периодот кога се реконструираше улицата „Питу Гули“ исто тогаш се транспортираше долж реката и изворите за пиење вода. Тогаш кога ги потврдивме информациите излеговме на терен за да ја пласираме оваа информација.“-рече Кузески.
Од охридската СДСМ побараа од надлежните општински служби градежниот шут веднаш да биде отстранет од Лакочереј како и тоа дека според нив, за неговото истоварање во населено место и на самите извори на вода за пиење, одговорност ќе носат градоначалникот Бакрачески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.