Охриѓани ќе имаат можност да уживаат во звуците на традиционалната чалгиска музика
Овој музички израз кој е карактеристичен за Охрид ќе го врати духот на времето во кој познатите охридски тајфи свиреа некои од најубавите стари охридски песни.
Вистински времеплов за охриѓани подготвува познатиот вокално-инструментален состав Езгија трио. Тие, заедно со познатиот кларинетист Ацо Тасески ќе одржат „Вечер на чалгиска музика“ во која охриѓани ќе добијат ретка прилика да уживаат во звуците на оваа традиционална македонска, но уште повеќе и охридска музика. Според организаторот на настанот, Ѓоко Алоски, ова е одлична можност постарите охриѓани да се потсетат, а младите да ги чујат можеби за прв пат звуците кои некогаш се слушале од секоја охридска куќа.
„Ова трио е специфичен состав не само поради инструментите кои се застапени, туку и поради музичкиот стил, различен од другите, а препознатлив сам по себе. Иако овој стил на изразување е во изумирање, овој музички состав е со цел да ја врати македонската чалгија, што во извесен период беше заборавена, а е карактеристичен и препознатлив белег на македонската музика низ вековите која живеела на овие простори. Во репертоарот има застапено македонски песни и ора, во звукот на македонска чалгија. Од инструментите застапени се канон, ут, кларинет, тарабука, деф и дајре, карактеристични македонски чалгаџиски инструменти.“-вели Ѓоко Алоски, организатор на „Вечер на чалгиска музика“.
Алоски вели дека оваа „Вечер на чалгиска музика“ е само почеток на она што треба да значи повторно актуелизирање на оваа безвремена музика.
„Ние правиме напори да ја вратиме чалгиската музика, пробуваме да направиме концерти, секој месец да носиме по некоја етно група, се надевам ќе има слух кај охриѓани, дека и тие ќе помогнат, еве во петок нека дојдат за концертот на 18ти септември, да уживаат, влезот е бесплатен, вратите ги отвораме за сите што ја сакаат македонската чалгиска музика.“-рече Алоски.
Инаку „Вечер на чалгиска музика“ ќе се случува во петок со почеток од 18 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. По охридскиот, концерт ќе биде одржан и во Ресен. Концертите се реализираат со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а со цел да ја зголемат културната понуда во нашата земја.