Skip to main content

Претседателот на Реал Мадрид направи инцидент на највисоко ниво

Реал Мадрид и Атлетико Мадрид повторно во војна

 |  инфодеск  | 

По неколку години примирје, односите помеѓу Реал и Атлетико повторно се заострени до крајни граници. Прилог на тоа е инцидентот кој се случил пред последното градско дерби на Висенте Калдерон, а во Мадрид веќе го нарекуваат како голем скандал.

Имено, челниците на клубовите се состанала на традиционален ручек пред мечот, а делегациите ги предводеле Флорентино Перез и Фернандо Фернадез (Реал Мадрид) и Енрике Серезо и Мигуел Анхел Гил Мартин (Атлетико), како и претставниците на групата Wanda, кинеската компанија која вложи голем капитал во Атлетико Мадрид.

Откако започнал ручекот со скапоцени вина, Перез во еден момент седнал до Гил и започнал разговор околу телевизиските права, односно новиот договор кој Примера треба да го склучи со клубовите на елитната шпанска лига. Го интересирал ставот на Атлетико по таа тема. Гил му одговорил дека го поддржува новиот модел по кој договорите ќе склопуваат на ниво на цела лига, што значи дека парите меѓу клубовите ќе се распределуваат порамномерно и со тоа лигата ќе има тенденција да биде поизрамнета бидејќи помалите клубови ќе имаат повеќе пари за купување играчи.

Познато е дека Реал не го поддржува овој модел и сака да остане по старо, односно најголемите клубови да го делат главниот колач, а за другите што ќе остане.

Дискусијата се претворила во остра кавга, пишуваат шпанските медиуми, така што бесниот Перез во еден момент скокнал од столот и наредил целата делегација на Реал демонстративно да излезе од ресторанот. Кога излегол од ресторанот можело јасно да се види на Перез колку е лут и вознемирен.

Перез се заканил дека делегацијата на Реал Мадрид нема да се појави на натпреварот, но подоцна сепак се предомислил, веројатно бил остро критикуван од страна на медиумите и јавноста.

Во последните десет години односите помеѓу Реал и Атлетико варираа од меѓусебно поднесување до пријателство до тешки конфликти и кавги. Се чини дека нивните моментални односи ја достигнаа крајно негативната точка. Толку напнатост немало и во времето кога Реал сакаше да му ги одземе Кун Агуеро и Радамел Фалкао.