Аријан Адеми беше позитивен на тестот по натпреварот Динамо-Арсенал и УЕФА против него отвори постапка. Веста ја објави Македонската фудбалска федерација.
“Добивме официјален допис од УЕФА дека македонскиот репрезентативец и играч на Динамо од Загреб, Аријан Адеми, бил позитивен на допинг контролата по натпреварот од Лигата на шампиони против Арсенал”, објави ФФМ.
Доколку и Б наодот биде позитивен на македонскиот репрезентативец и капитен на Динамо му се заканува суспензија од фудбалот од дури две години. Што се однесува до Динамо, барем двајца играчи мораат да паднат на допинг тест за клубот да биде виновен. Ако тоа се случи, Динамо би ги изгубил бодовите, но би можел да биде и исфрлен од понатамошните натпреварувања. Вториот играч на Динамо, кој бил тестиран, поминал на тестот, но УЕФА би можела да нареди нови тестирања за останатите фудбалери.
Аријан Адеми оваа година бил тестиран шест пати и секој пат бил негативен, а сега во клубот се изненадени со ваков резултат. Спрема правилата на УЕФА, Динамо не смее ништо да коментира додека трае дисциплинската постапка и додека не биде готов наодот од Б контролата.