Во составот за кој селекторот Мајкл О’Нил ги повика за натпреварот против Грција и Финска има играчи од осредните шкотски и нискорангирачките лиги во Англија, но едно име се истакна пред сите.
Џош Магенис, 25 годишниот напаѓач кој игра за Килмарнок, моментално 10-ти во првенството на Шкотска.
Магенис во синоќешниот натпревар, во кој Северна Ирска со победа против Грција по прв пат избори настап за Европско првенство, го направи можеби клучниот потег. Откако домаќините на одмор отидоа со предност од еден погодок, токму со голот на Магенис во вториот дел ја убија целата надеж на Грците дека можат да дојдат до позитивен резултат.
Не би било толку интересно ако не се истакне дека се работи за поренешен голман. Кога започнал со фудбал Магенис бил напаѓач, но подоцна се преселил помеѓу стативите, а како голман има запишано и два настапи за U17 репрезентацијата.
Во летото 2007 од Гленторан како перспективен голман заминува во Кардиф за подоцна да одлучи сепак да се врати како напаѓач. После Кардиф се скраси во Шкотска играјќи за Абердин, Ст.Мирен и Килмарнок, но не се покажал како некој голгетер.
Меѓутоа, во Северна Ирска никого не го интересира што прави Магенис во Шкотска. Ним им е важно дека во својот 15-ти настап за репрезентацијата го постигна својот прв гол и ја однесе Северна Ирска во Франција на ЕУРО, а воедно го направи и најголемото изненадување во квалификациите за Европското првенство во Франција идната година.