Вечерва во Охрид, СДСМ пред охриѓани го претстави првиот столб, Одговорна власт и контрола над власта, од проектот „Визија за Македонија“.
Промените во Македонија доаѓаат, порача првиот социјал демократ Зоран Заев. Охриѓани знаат најмногу да сугерираат за Охрид и затоа бараме памет, сугестии, корективи и забелешки на проектот кој го нарековме „Визија за Македонија“.
„Знаете дека Охрид е посебно богатство за сите нас, не само на Охриѓани туку и на Струмичани, Скопјани, Кумановчани и сите за Охрид имаме посебни делови од нашата визија, нашата програма. Според нас овие 9,5 години Охрид е унаказен по многу работи. Не само Субрата Рој, туку и развојот на Охрид, традицијата, заштитениот дел од УНЕСКО, нашето богатство и гордост, мораме внимателно да прецизираме конкретни решенија правци за иднината за кој што секако ќе бидат најмудро, најпрецизно, највнимателно извлечени токму од Охриѓани“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев прговори и за тоа до каде се преговорите, дали се разговара за промени во МРТВ и што содржат истите и воопшто за состојбата со медиумите.
„Јас се надевам дека во недела ќе заврши се што значи преговори околу изборно законодавство. Во изборното законодавство има дел за медиумите, но како рефлексија на делот на изборите. Веднаш после изборното законодавство во приоритетите на преговорите се медиумите, тука е МРТВ, МИА но и агенцијата за аудио и визуелни медиумски услуги. Значи медиумите да бидат непристрасни за да го добиеме оној очекуван дел од граѓаните, а тоа е после долги години комплетно влијание на извршната власт врз медиумите и сите оние поразителни места кои што ги имаме според репортери без граници, фридом хаус и слични институции да ги враќаме полека во нормала, заради тоа што медиумите претставуваат значаен коректив на власта во општеството. Ако сакаме да имаме демократија, слобода повеќе, правда, Европски вредности, без независни медиуми тоа не можеме да го постигнеме“ – рече Заев.
Заев нагласи дека нивните кандидати за министри и заменици министри кои ќе влезат во ресорите на техничката влада ќе претставуваат коректив на власта, односно гарантори заедно со Власта, за фер демократски и регуларни избори. Четирите партиски решенија на СДСМ и опозицијата се трите заменици со право на вето во финансии, земјоделие и јавна администрација, а четврото решение е целото Министерство за труд и социјална политика и непартиското решение, или професионалец експерт во МВР. Одлуките ќе бидат донесени пред 20-ти овој месец, вели Заев, за да може да се спроведе она што е договорено во Пржино, а тоа е создавањето на техничка влада.
На трибината присуствуваа голем број граѓани и претставниците од највисокото партиско раководство на СДСМ.