Skip to main content

Охридската работна единица на Македонија пат располага со застарена механизација

Охридската работна единица на  Македонија пат располага со  застарена механизација.

 |  Валентина Неловска  | 

kamion Државното јавно претпријатие Македонија пат  работи со застарена механизација. Одамна  нема обновено возила и  механизација. Претпријатието години наназад функционира со застарен возен парк. Во моментот имаат на расплагање една мала товарна машина и еден стар фап камион од 10 кубици и 20 вработени, велат извори од охридската единица на македонија пат.  Потребата од нова механзиација повторно исплива на површина со  поплавите кои се случија изминатиот викенд. Охридската работна единица интервенираше само со она што го има на располагање, што ни оддалеку не беше доволно за да се справат со ситуацијата, па мораше да се ангажира приватна компанија и да се донесат машини од Скопје. Тоа  повторно покажа дека државното јавно претпријатие има итна потреба од нова механизација како што се багери, нови возила за товарање и чистење на канали.

kamioniИсто така нема ни поголеми камиони и полутоварни возила на кои ќе може да се монтираат преодна и задна влеча и снежни плугови. Засега нема никакви најави дека ќе се обновува дотраената и несоодветна механизација. Во случај на потреби и проблеми се ангажираат трети претпријатија велат од Македонија пат Скопје. Исто така за наормално функционирање на оваа работна единица, добро би дошле уште неколку вработени напоменуваат од охридската работна единица.

 Доаѓа зима и прашањето како ќе се одржуваат магистралните патишта во зимски услови. Сеуште се свежи сеќавањата за блокираните патници на Пресека и Буково на  почетокот од  оваа календарска година кога се заглавија возила и автобуси. Иако се надевавме дека надлежните од тоа ќе извлечат поука и ќе набават опрема со која ќе се спречат во престојнава  зимска сезона вакви испади само со резерва може да се надеваме дека нема да има слични застои и заробени патници во снег како и минатата година.      
Инаку, државното јавнопретпријатие „ Македонија пат” има идруги обврски, меѓу  редовното и зимско одржување на магистралните и регионалните патишта и од асфалтирање на помали делници и крпење на ударни дупки, проектирање, изработка и поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, заштита на патишта, автоматско и рачно броење на сообраќајот, катастар на патишта и мостови и  информативна служба за состојбата на патиштата.