Skip to main content

Во Лагадин ќе се гради елитна плажа советниците го усвоија начинот на градење

Во Лагадин ќе се гради елитна плажа советниците го  усвоија  начинот на градење.

 |  Валентина Неловска  | 
lagadin

Помина предлог Одлуката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин. Со тоа, во општина Охрид за прв пат се донесува ваков општ акт за уредување на начинот на градење во место за кое нема донесено урбанистички план. За опозцијата, како што кажа  Дејан Блажески советник од ЛДП, е  неприфатливо, меѓу другото затоа што, како што рече, жителите не биле претходно консултирани.  

lagadin„ Првенствено не се консултирани граѓаните од месната заедница  Лагадин. Наидувале на бојкот од општина Охрид. Друг момент е јавниот конкурс за изработка на плажа….според некои неофицијални информации, во оваа зона  им се дава слобода да изградат плажа пресметувајќи од највисоката квота на водата во езерото, од крајбрежниот појас од она што е законски 50 метра, но според моите неформални информации  тука се има намера да  никне плажа во самото езеро“, рече притоа советникот од опозцијата Дејан Блажески од ЛДП.
Секретарот на Локалната самоуправа Димитар Спасески го демантира  ова тврдење на Блажески. Потенцира, дека планот  кој  денес е пред советниците на разгледување, претходно  бил усвоен од сите надлежни институции вклучувајќи го и Министерството  за животна средина. Кажува дека,  на нивните средби со жителите од ова населено место, а кои егзистираат од туризмот, добиле поддршка за изградба на современа плажа.  

lagadin„ Линијата која треба да е на 50 метри од нивото на водата е внесена во планот. Од тој аспект не гледам проблеми. Се прашувам за кој еколошки стандарди  зборуваат тие луѓе. Ако одите на тој потег, 10 -тина луѓе го користат со приватни маси и столици, цело лето седат таму. Во непосредна близина е патот, многу ѓубре наоколу, а на тоа место ќе никне модерна плажа по сите еколошки стандарди“, кажа Спасески.   

Секретарот напомена дека плажата ќе ја гради Министерството за транспорт и врски и се уште планот не е јавно објавен. Надлежните од Локалната самоуправа планот ќе го видат кога ќе треба да се даде во Секторот за урбанизам, при  процесот на издавање на  одобрението за градба.    

Инаку, на почетокот на расправата за оваа точка советниците од опозицијата бараа нејзино одложување. Како што истакнаа, повлекувањето се бара поради задоцнето доставување на измени на предлог Одлуката.  Статурно-правната комисија го одби ваквото барање отако претходно утврди дека немало деловничко прекршување. Предлог одлуката помина со 13 гласа за наспроти 7 против.