Згрижување на преостанатите стотина вработени во ЕМО во некои од државните компании – побараа од синдикатот
Од таму уште еднаш потсетија на барањата за исплата на заостанатите плати и придонеси кои според нив се приоритетни бидејќи голем број од вработените не можат да се лекуваат поради немањето здравствено осигурување, ниту пак да обезбедуваат егзистенција.
Останатите стотина вработени во АД ЕМО да бидат згрижени во некои од државните компании-побараа од синдикатот на некогашниот охридски гигант. За конечно надминување на нивната ситуација, побараа останатите стотина вработени да добијат еднаков третман како и педесетината довчерашни вработени во ЕМО кои неодамна склучиле договор за вработување во државната МЕПСО. Тие уште еднаш побараа исплата на четириесетина заостанати плати, како и придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Меѓу другото, велат дека ќе побараат и соодветни одговори од Народниот правобранител околу прекршувањето на нивните работнички права.На состанокот на одборот на синдикатот, беа прецизирани и некои од идните активности во насока на конечно разрешување на ситуацијата на вработените во ЕМО.
„Одборот ја донесе како барање, да поднесеме писмено барање до Народниот правобранител за тоа како и од кој момент се почнати да се прекршуваат нашите права како вработени во ЕМО производство од моментот кога прв пат законски на 15ти не се зеде плата во 2014та год и како од таму навака сите надлежни институции не презедоа никакви мерки вклучувајќи ја тука и УЈП, и сите со ред навака па затоа народниот правобранител треба да ни одговори односни тие нему да му одговорат каде се сите тие прекршувања и до кога ќе трае агонијата на вработените во ЕМО.“-вели Гоце Ѓоршоски-портпарол на синдикатот на ЕМО.
Претседателот на синдикатот на АД ЕМО, Миле Крстаноски вели дека вработените во ЕМО немаат со што да ги плаќаат давачките и кон државата и кон општината и одтука насушна е потребата за решавање на нивниот статус.
„Сите овие барања се однесуваат на основните постулати на законот за работни односи, исплата на плати и придонеси и решавање на статусот на сите вработени. Да им помогнеме на работниците кои долго време се без соодветен приход како би можеле да ги плаќаат прво потребите, да обезбедат егзистенција за своите семејства, да плаќаат сметки за струја, вода, телефон или било која комунална такса, а знаете дека дел од тие такси, даноци се слеваат во буџетот, како на државата, така и на општината.“-вели Крстаноски.
Инаку вработените во АД ЕМО досега во неколку наврати одржаа мирни протести пред локалната самоуправа и низ охридските улици, како и пред Владата на Република Македонија барајќи решавање на нивниот статус и незавидната положба. И покрај многуте упатени барања за средби, и решавање на нивната ситуација, велат дека не добиле никаква помош туку само празни ветувања.