Под мотото „Сите сме нивни деца“ Црвениот крст се мобилизира за помош на старите лица
Ќе се бира најстариот жител или жителка на Охрид и Дебрца како и брачниот пар со најмногу години поминати во брак, ќе има и меѓугенерациска средба, но и подароци и изненадувања во текот на неделата на грижа за стари лица.
Меѓугенерациска средба на младите и повозрасните лица, пријатни изненадувања и подароци, интересно дружење и настап на пејачки групи во неделата на грижа за стари лица. Црвениот крст од Охрид и годинава традиционално ќе им посветува внимание на старите лица од Охрид и Дебрца, овој пат под мотото „Сите сме нивни деца“. Воедно од Црвениот крст од Охрид подготвуваат и нова програма која ќе започне со спроведување токму во текот на неделата на грижа за стари лица, а која ќе биде насочена кон обезбедување на поквалитетно стареење на старите лица. Годинава и два интересни конкурси посветени на нашите баби и дедовци.
„Предвидени се голем број активности кои што се во насока пред се да се подигне свеста кај населението за правото на старите лица, но и за грижата и помошта која нив им треба и која што секој од нас може да им ја пружи. Покрај тие активности кои ќе бидат во текот на неделата за грижа за стари лица, Црвен крст од Охрид од утре, од 1ви Ноември распишува конкурс за избор на најстар жител или жителка на општините Охрид и Дебрца, и брачен пар со најмногу години поминати во брак.“-вели Сашо Точков, претседател на Црвениот крст од Охрид.
Потребата да им се излезе во пресрет на нашите повозрасни сограѓани, според Точков е дотолку поголема и поради немањето на адекватни услови за сместување на старите и изнемоштени лица во градов. Тој вели дека ако се почитуваат европските стандарди, на подрачје како нашето каде има околу 5000 лица постари од 60 години, Охрид и Дебрца би требало да располагаат со многу повеќе легла од оние кои ги има во Геријатриското одделение.
„Ајде ние зборуваме локално за Охрид и Дебрца, е 4 проценти од вкупното население над 60 години, значи од вкупниот број на население кое е над 60 години, тоа значи дека во Охрид и Дебрца би требало да има повеќе од 200 такви постели за згрижување на старите лица, за жал ситуацијата кај нас не е таква. Она што го имаме е само во Геријатриското одделение до 50 постели, а тоа значи императив повеќе и за надлежните, и за нас како организација како капацитети да се грижи на некој начин за старите лица.“-рече Точков.
Неделата на грижа за стари лица и сите предвидени активности ќе се случуваат од 23ти до 29ти Ноември. Во текот на наредниов месец воедно волонтерите на Црвениот крст ќе ги посетат старите, изнемоштени и осамени лица во Охрид и особено во Дебрца, кои се на некој начин изолирани, па ќе им подадат рака, ќе споделат убав збор, но и ќе им помогнат вклучително и со превентивни прегледи, мерење на шеќер во крв, притисок и други прегледи. Од Црвениот крст воедно ги повикуваат сите граѓани кои познаваат или имаат сознанија за некои стари и изнемоштени лица кои се осамени, за тоа да јават во Црвениот крст како би им било помогнато.