Поддршка од Центарот за социјална работа за семејството Демо Илбер
Охридскиот Центар за социјална работа, посредува за обезбедување на целокупната документација, со која 10 членото семејство Демо Илбер треба да аплицира за добивање социјален стан. Вклучени биле повеќе тимови со цел да се помогне на ова семејство, кое за краток рок треба да ја напушти бараката во која живее 15 години на ул. „Кленоец“.
Центарот за Социјална работа Охрид, ќе му помага на семејството Демо Илбер. Како што веќе информиравме 10 членото семејство на Илбер неодамна добија решение за иселување, од бараката на ул „Кленоец“ во која живееа 15 години. Социјалниот работник Наташа Климоска за ТВМ изјави дека комплетно се запознати со состојбата на семејството Илбер, кои во Центарот веќе биле евидентирани како семејство под социјален ризик и било вклучено во системот на социјална заштита. Таа истакна дека нивните служби веќе се ангажирале да ја обезбедат потребната документација, со цел на ова семејство да му се реши станбеното прашање.
„Во тек е постапка за набавување потребна документација. Тука Центарот советодавно, стручно и мотивационо влијае врз семејството и нуди поддршка при набавување на целокупната потребна документација со која би можела семејството да аплицира за добивање на социјален стан кој што е во надлежност на Комисијата за станбени прашања при Влада на РМ “ – вели Климоска.
Таа кажа дека досега на семејството Илбер му помагале и со еднократна парична помош, но и му обезбедувале бесплатно лекување на едно од децата кое е болно.
„Обезбедивме право на здравствена заштита и друга документација која што беше неопходна за продолжување на лекарскиот третман. По санирање на здравствената состојба, детето со родител беше упатен на Комисија за категоризација со цел да се утврди видот и степенот на заболувањето како би можело во понатамошна постапка да се поднесе и да се оствари право на посебен додаток како и право на бесплатна здравствена заштита на детето“ – додава Климоска.
Како што информираше Климоска, охридскиот Центар за социјална работа посредувал и за евидентирање на децата кои воопшто не биле запишани во матичната книга на родени. Со тоа им обезбедиле извод и останата лична докуменација која во иднина ќе послужи за остварување на понатамошните права. Со семејството Илбер работеле повеќе тимови, нагласи Климоска. Таа кажа дека и во иднина континуирано ќе ја следат состојба, ќе помагаат во рамки на нивните можности како и во остварување на контакт со другите надлежни институции од социјалната сфера со цел да се помогне на ова семејство.
{loadposition content9}