Skip to main content

Германскиот гигант Костал, денес потпиша договор со кој ја официјализираше најавената инвестиција во ТИРЗ Струга

Додека не се изгради новата фабрика на овој германски гигант во зоната, оваа инвестиција ќе функционира во простории од некогашно ЕМО. Се работи за инвестиција од 50 милиони евра, а со чија реализација ќе бидат вработени 1000 луѓе.

 |  Мишел Наумоски  | 
kostal

Германскиот гигант Костал денес го потпиша договорот со кој официјално ја потврди инвестицијата во технолошко-индустриската развојна зона помеѓу Охрид и Струга. Оваа 50 милиони вредна инвестиција треба да овозможи вработување на 1000 нови работни места. Охридскиот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека денес го оствариле ветувањето дадено минатата пролет за оваа втора голема инвестиција во Охридско-струшкиот регион.

kostal dogovor„Ќе се отворат работни места за повеќе видови на струки и квалификации и со средно и со високо образование, значи практично ќе можат да бидат опфатени најразлични категории на граѓани. Во Охрид ќе произведува делови кои што ќе се наменети за автомобилската индустрија, почнува со работа веднаш во простории на поранешно ЕМО, кои ги има земено под закуп на 5 години, таму има земено под закуп простории во вкупна површина од 6000 метри квадратни, а паралелно ќе ја гради и својата фабрика во технолошко-индустриската развојна зона, идејата е кога ќе ја заврши фабриката, да работи и во просториите на поранешно ЕМО, но и во таа фабрика како би можел да се реализира целиот капацитет.“-вели пратеникот Николоски.

Костал е втора голема инвестиција која се реализира во технолошко-индустриската развојна зона. Барем досега, индустриската зона Мауцкер пак нема на повидок слична судбина.

kostal fabrika„Идејата за Мауцкер е да им се дадат исти или слични услови и на домашните инвеститори, идејата за Мауцкер е да таму инвестираат домашни инвеститори. Она за што сум информиран е дека првични подготовки се направени од страна на општина Охрид, затоа што се работи за општинско земјиште, и можам слободно да кажам, исто е и со тирз помеѓу Охрид и Струга, во оној момент кога ќе се појави инвеститор кој што е подготвен да инвестира, веднаш започнуваат активностите за да му се овозможат сите услови да оди на терен и да инвестира, така е и со ТИРЗ, така беше и со ОДВ Електрик, кога дојде веднаш почна да работи, сега ќе се работи и на Костал, дај боже да имаме уште некоја фабрика и во ТИРЗ, и во Мауцкер.“-рече Николоски.

Инаку Костал, новата инвестиција во технолошко индустриската развојна зона, е германски гигант кој остварува годишен обрт од околу 2 милијарди евра, работи во 17 земји, постои повеќе од 100 години и има вкупно 16 илјади вработени. Според Николоски, освен директните вработувања, оваа нова инвестиција, како и онаа првата на ОДВ Електрик освен директните, ќе овозможат и индиректни вработувања во охридското и македонското стопанство.