Skip to main content

Охриѓани чествуваат 71 година слободен Охрид

Денес со свечена седница и пригодна културно уметничка програма беше оддадена достојна почит на храбрите борци кои во далечната 1944та година, на 7ми Ноември ги дадоа своите животи за нашата слобода.

 |  Мишел Наумоски  | 
svecena sednica

Наша света должност е да ја сочуваме тешко стекнатата слобода…Пред нас и генерациите по нас ќе стои одговорноста да го почитуваме она што со крв е спечалено, да ја чуваме слободата и независноста. Ова се пораките кои силно одекнаа денес на свечената седница по повод 71 година слободен Охрид. Борци, поддржувачи, претставници од политички партии, локалната самоуправа, јавните претпријатија и граѓани денес најпрво со положување свежо цвеќе на спомен обележјата на паднатите борци, а потоа и со пригодна свеченост, им оддадоа достојна почит на оние чија заслуга е нашата слобода. 

osloboduvanje na Ohrid“Денес, гордо и со пиетет  им оддаваме почит на сите  храбри борци  кои учествуваа во ослободувањето на  Охрид, а особено  на оние кои ги дадоа своите животи за слободата. На одбележувањето на еден од најсветлите историски датуми  на нашиот град, потсетуваме дека  веднаш по ослободувањето, Охрид забрзано почна да се гради и економски да се развива. На темелите на тешко спечалената слобода , многу генерации го развиваа Охрид, а  свој особен  придонес дава и нашата генерација. “-вели Ангел Јанев, заменик градоначалник на Охрид.

Со пригодни цитати од двајца хроничари на ослободувањето на Охрид, претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Ѓеоргиески раскажа за случувањата од 6ти и 7ми Ноември 1944та година. Цитатот од централното спомен обележје пак во паркот на револуцијата ја отсликува тежината на постигнатата слобода.

osloboduvanje sednica“Цутот на една младост, кој растеше и живееше со нас, кој се радуваше и тагуваше со нас…падна за она што мечтаеше, Слободата на својот народ…” Тоа е всушност нашата почит, но тоа е и наш коментар за вистината која мора да оди пред нас во иднината и да сведочи за тоа во историјата, за тоа кој ја донел слободата во овој наш убав град. Кој го нудел својот живот во замена за слободата и нашата иднина. Тоа е голема работа која и припаѓа и на историјата, но и на вечната вистина која никогаш не треба да се заборави.”-рече Ѓеоргиески.

Во рамки на денешните свечености по повод Денот на ослободувањето на Охрид, 7ми Ноември, беше приготвена и пригодна културно-уметничка програма во која свој настап имаа учениците од хорот при основното училиште “Григор Прличев”, групата Билјана Јуниор, пијанистката Емилија Маринова, како и поетски перформанс на поетите Мирко Томовски и Маја Мојсова. Чествувањата продолжуваат со одбележување на патрониот празник на детската градинка Јасна Ристеска.