Туристи од Бенелукс вдомуваат три кученца од прифатилиштето на „Анималиа“
Кога оди тешко вдомувањето на кучиња во Охрид, зошто да не се проба во странство? Токму така размислуваат и волонтерите во здружението за заштита на животни Анималиа.
Три повозрасни кученца за кои се грижат волонтерите на „Анималиа“ си најдоа свој дом во земјите од Бенелукс. Кучињата, според Климент Арнаудов, претседател на Здружението за заштита на животни „Анималиа“ потешко се вдомуваат од оние помалите. Повеќе од 30 кученца што помали, што повозрасни се секојдневна грижа за волонтерите од Анималиа, од вчера бројката им се зголеми за 17 мали кученца кои дојдоа на свет. Сепак според нив, вдомувањето на кучиња генерално во градов оди многу потешко отколку што се надевале.
„Направивме сефте, ги испративме во Холандија, едно е додуша во Белгија вдомено. Имаме најави уште за две кои што сакаат да ги земат, па ќе видиме, да стискаме палци дека ќе успееме да ги реализираме. Сакам да напоменам дека процедурите околу испраќањето на кучињата се доста напорни, сепак треба да се биде професионално сето тоа сработено, да се обезбеди неопходната документација, контакти со странци и слично, тоа доста црпи на енергија и затоа апелирам доколку има граѓани-љубители на животните во вистинска смисла на зборот да повелат во нашата организација чисто волонтерски да дејствуваат и да направиме еден похуман свет и за човештвото, и секако и за животните.“-вели претседателот на Здружението за заштита на животни „Анималиа“, Климент Арнаудов.
Медицински препарати, лекови, патувања до Скопје за контрола на повредените кучиња кои ги има во голем број. На трошоците за грижа и вдомување, им нема крај, токму затоа од „Анималиа“ редовно апелираат до граѓаните за било каква помош.
„Нас најголема донација ни е кога некој ќе вдоми некое животинче, воедно најчесто сме активни на нашата фејсбук страна „Анималиа“ каде што апелираме и во однос на помош, дали тоа ќе е финансиска помош, дали стари материјали, ќебиња, сега последно ни беше за сено, бидејќи ни доаѓа зима, дали тоа ќе е апел за излегување на терен и хранење на бездомните животинки, водење грижа за напуштени други малечки кученца, сето тоа подразбира волонтерство и сето тоа подразбира хуманост. Ние донацијата не ја гледаме само низ финансиска призма, а секако дека е неоходна и финансиската поддршка, бидејќи имаме минимум 30 кучиња кои што во моментов ги храниме, а тоа секојдневно подразбира многу трошоци во поглед на храната.“-рече Арнаудов.
Според него, светла точка е што последниов период изостануваат труењата на кучиња кои во еден момент беа навистина алармантни, а и бројката на бездомни кучиња исто така е намалена. Сепак во недостиг на подобри инфраструктурни услови и струја во нивното прифатилиште, дури и нивната основна активност на вдомување на кучињата е доведена до своите крајни граници.