Според едни водата во Струга е хлорирана, според други не, и не треба да се пие
Директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид, Атанаско Михаилов вели дека последните информации од Струга говорат дека и водата во струшкиот водовод не содржи хлор и не е за пиење. Директорот на РЕ Водовод од Струга, Акиф Ајро пак, дециден, дека водата во струшкиот водовод е хлорирана и може да се пие.
Пронајдени патогени бактерии во водата за пиење во струшко Франгово и Октиси, а неисправна за пиење е и водата од струшкиот водовод, тврди директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид, Атанаско Михаилов. Тој вели дека состојбата со резидуалниот хлор во водата за пиење во Струга будно се следи, водата постојано ја испитуваат, а денес биле земени и мостри кои ќе треба да покажат дали и во струшкиот водовод, водата за пиење содржи ешерихија коли и ентерококи бактерии како во Франгово и Октиси. Михаилов вели дека за резултатите ќе биде известена и Агенцијата за храна.
“Последните информации кои што ги имаме од Струга, водата не содржи резидуален хлор што значи пак е неупотреблива за пиење, за тоа е известена инспекцијата од Дирекцијата за храна која што е одговорна во врска со испитувањето односно издавањето на дозвола за употреба или за забрана на водата за пиење. Верувам дека ќе постапат така како што си е според законот, ние ја проверуваме водата и резидуалниот хлор на секои половина час. Она што го имам како сознание, техничка неисправност на апаратот за хлор, не можела да биде водата хлорирана, меѓутоа мора да бидат известени граѓаните дека водата која во моментот не се хлорира, не смее да се употребува за пиење затоа што според Законот за безбедност на храна, а водата е храна, вода која нема резидуален хлор не смее да биде пиена. “-вели Директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид, Атанаско Михаилов.
Ваквите тврдења за отсуство на хлор во водата за пиење во Струга ги отфрла како неточни директорот на Р.Е Водовод од Струга, Акиф Ајро.
“За водата што е под Проаква Струга, целата водоводна мрежа, таа е цела хлоризирана и безбеден е цел систем и може да се пие, значи чиста е водата. Преземени се сите мерки, а јас исто слушнав од медиумите па ги повикав техничарите што го одржуваат хлорот и резерварите и тие ме известија дека нема никаков проблем, се е регуларно, пумпите работат, се е исправно, нема место за паника и за нешто друго.”-рече директорот на Р.Е Водовод-Струга, Акиф Ајро.
Според Михаилов што се однесува за водата за пиење во струшките села Франгово и Октиси, таа е потенцијален извор на низа заболувања и не смее да се користи за пиење.
“Во струшките села Франгово и Октиси последните мостри од водата за пиење покажуваат дека во Франгово во водата има ешерихија коли и таа мора да биде забранета за пиење, додека во Октиси има и ешерихија коли и ентерококи и тоа укажува на тоа дека водата не е за пиење, мора да биде забранета за употреба се додека не се исчисти водата односно додека во неа нема бактерии. И таму е потврдено дека во водата нема резидуален хлор што претпоставува односно укажува дека заради недостатокот на хлор во водата се појавуваат патогени организми. Прво и основно, водата мора да биде хлорирана, затоа што основен дезинсифиенс кој се употребува за дезинфекција на водата е хлорот. Хлорирањето на водата е законска норма, и тоа мора да се прави.”-изјави Михаилов.
За состојбата на водата за пиење во овие две струшки села, директорот на МЈП Проаква од Струга, Ајро кратко одговори дека тие немаат никаква врска бидејќи тие не стопанисувале со водоводот во овие места. И неодамна Струга се соочи со недостиг на хлор поради кој беше издадена привремена забрана за пиење на водата, но Ајро потенцираше дека сега имаат набавено доволни количини на хлор и дека се обезбедени до месец април со залихи. Инаку, доколку резултатите од земените мостри од струшкиот водовод покажат дека водата содржи и барем една бактерија на милилитар вода, според законот истата треба да биде забранета вели директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид, Атанаско Михаилов.