Skip to main content

Лазареска: Зошто не се променети водоводните цевки на „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“

При изградба и реконструкција на ул „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“ во Охрид, останале непроменети старите водоводни цевки. Оваа забелешка ја изнесе Жаклина Лазареска советничката од СДСМ на вчерашната седница која беше наменета за советнички прашања. Првиот човек на МЈП „Проаква“, тврди дека стручни лица констатирале дека немало потреба истите да се заменат.

 |  Николоска Биљана  | 

Охридските улици „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“, биле некомплетно реконструирани. Ваквата забелешка ја изнесе советничката од редовите на охридските социјалдемократи, Жаклина Лазаревска. Таа кажа дека до неа се пожалиле граѓани од ул „Ристо Чадо “, кои тврдат дека цевоводот кој поминува од нивната улица е со азбестни цевки кои имаат одредено штетно влијание.

„Дали за 700 – 800 метри односно за 800 евра не би било подобро да ги замените на Ристо Чадо со соодветни водоводни цевки. При пуштење и реконструкција на ул. „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“, што за мене е добра работа, знаеме дека од средства на кредитот се направени и се што се прави во интерес на граѓаните е во ред. Дали при реконструкцијата на овие улици заменети се старите водоводни цевки. Имам сознание дека тоа не е направено“ – прашува Лазареска.

При реконструкцијата на овие улици имаше надзор од стручни тимови од Светска Банка, појаснува директорот на МЈП „Проаква“, Томе Паскалоски. Како што тврди Пасколоски надзорот од светска банка и нивните тимови констатирале дека нема потреба од замена на водоводните цевки на тие улици.

„Ние кога ја отворивме улицата и цевката, значи на улицата „Питу Гули“ поминува цевовод Fi – 350 милиметри со должина околу 1200 метри и тоа е еден од најдобрите цевоводи во градов. Тој е лимено железен цевовод, тампониран така низ годините, добро налегнат така да таму не се сеќаваме дека имало дефект и тој беше во перфектна состојба. Ние направивме 7 прелази во сокаците, значи доведовме нова мрежа за идните урбанистички потреби на населението кое живее тука. Слична беше состојбата и на ул „Ристо Чадо“ “ – појаснува Паскалоски.

И градоначалникот Никола Бакрачески во врска со овие две улици истакна дека се што се работи во делот на обновување на комуналната инфраструктура се прави врз добро анализирани состојби на теренот кои произлегуваат од потребите на граѓаните на Охрид, од можностите за воспоставување на функционални системи во конкретниов случај водоводна мрежа и од моменталната состојба на постоечката секундарна мрежа во тој регион.

„Секако дека онаму каде што анализите на стручните служби на Проаква поакжале дека водоводните мрежи треба да бидат заменувани, реконструирани или надградувани, тоа го правиме така правиме и на ул „Ристо Чадо“ како и во сите населени места во градов“- вели Бакрачески.

Како што е добро познато градежните работи на ул „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“се изведуваа во летниот период, при што улиците беа проширени и асфалтирани и свечно беа пуштени во употреба.