Белгиската полиција во неделата навечер спровела 19 претреси во повеќе бриселски општини и во три во Шарлероа, 60 километри јужно од Брисел, при што се уапсени 16 лица додека најбараниот бегалец Salah Abdeslam не е пронајден, објави белгиското обвинителство на конференцијата за новинари.
Salah Abdelsam наводно е виден со автомобил како се движи кон германската граница, јавува Telegraph. Во претресите во Моленбек полицијата упаднала и во куќата на неговиот вујко.
При акцијата се уапсени 16 лица, а не е пронајдено никакво оружје ниту експлозив, а истражен судија ќе одлучува дали тие лица ќе бидат задржани во притвор. За време на антитерористичката акција повредено е едно лице, а инцидентот се случил во Моленбек каде едно лице удрило во полициски автомобил, а полицијата возвратила со пукање. Останатите претреси во акцијата поминале без инциденти.
Белгиските власти одлучиле да го задржат и понатаму највисокото ниво на тревога во Брисел поради можност за терористички напади, а поради кое нити денес нема да сообраќа подземната железница и сите училишта во Брисел ќе останат затворени.
“Се плашиме од напади како оние во Париз, што значи дека некои поединци би можеле да изведат напади во Брисел на повеќе места и во исто време”, изјавил премиерот Charles Michel по состанокот на националниот совет за безбедност.