Се прошируваат гробиштата по цена на нивната функционалност
Се прошируваат гробните парцели во комплексот Градски Гробишта Охрид, „по која цена“? Од ваквата одлука засегнати се граѓани кои што со спроведување на истата гробните места кои ги поседуваат нема да се на првата линија и ќе го изгубат зелениот појас. Но според стручњаците проблемот е поголем и се доведува во прашање функционирањето на гробиштата.
ЈП „Градски Гробишта“ Охрид неодамна донело одлука за измена и дополнување на постоечкото урбанистичко решение за гробната парцела Х 402. Одлуката била донесена од страна на Управниот одбот на ЈП. Според неа 19 корисници се известени дека се изработени и ќе се продаваат гробни места на почетокот на секоја гробна парцела што е во непосредна близина на гробното место кое го поседуваат овие 19 корисници. Рокот за постапка по оваа одлука е 5 дена од приемот на дописот.
Дел од корисниците на гробните места реагираа до нашиот медиум дека не се задоволни од една ваква одлука затоа што тие платиле за гробни места за прва линија до зелениот појас, што сега ќе биде изменето. Но проблемот не е само во овие засегнати граѓани туку постојат и суштински проблеми за функционирањето на гробиштата, од спроведувањето на ваквата одлука. ТВМ ТелевизијА го исконтактира изготвувачот на ДУП за гробишта, Благоја Сметеноски кој вели дека вака донесената одлука е непромислена со трајни и штетни последици за квалитетна функција на комплексот градски гробишта Охрид. Сметеноски за ТВМ ги наведе и причинте заради тоа: Се нарушува сообраќајната функција во гробиштата, се уништува зелениот појас помеѓу гробните полиња, се отстапува од предвиденото проширување на гробиштата според планот и се затвора предвидениот канал за заштита од надојдени води. Додава дека нема потреба да се форсираат тие гробни места бидејќи се располага со доволно простор предвиден со урбанистичкиот план.
Првиот човек на ЈП „Градски Гробишта“ Зоран Симоноски, и покрај тоа што претходно прифати да одговори на нашите прашања, денеска се оправдуваше со презафатеност и не излезе пред камерата на ТВМ. Со тоа јавноста остана покуса за информации за тоа, Дали со одлуката има нарушување на ДУП и узурпација на заеднички простор, Дали има право како директор на ЈП само со одлука на УО да врши проширување на гробиштата, и дали сите засегнати граѓани од наведените гробни парцели се согласни со ваквата одлука.
ТВМ испрати допис со прашања и до Локалната самоуправа. Дали е донесена одлука за проширување на градските гробишта, односно изменување на урбанистичко- планската документација за градските гробишта? Кој може да донесе таква одлука? (градоначалникот на општината, Советот или тоа може да се направи само врз одлука на УО на ЈП Градски Гробишта). Твм дознава дека до општина Охрид, односно до градоначалникот е пристигнато известување, приговор за преиспитување на одлуката на УО на ЈП „Градски Гробишта“ за проширување односно изменување на урбанистичкиот план за гробиштата и барање стручни лица да ја преиспитаат истата. До затворањето на дневникот не добивме одговор на поставените прашања. Инаку ДУП за гробишта донесен е 2001 година, проект изработен за 50 години, односно за оформување на неколку гробни полиња.