Симоноски: Одлуката за измена и дополнување на постоечко урбанистичко решение за гробни парцели е по барање на граѓаните
Донесена е одлука за дополнување на постоечкиот проект за парцијализација, а не за измена и дополнување на постоечкото урбанистичко решение за дел од комплексот градски гробишта, тврди првиот човек на ЈП „Градски Гробишта“, Зоран Симоноски. Ова следи после забелешката на дел од засегнати граѓани кои реагираа до нашиот медиум дека не се задоволни од една одлука со која тие нема да бидат на прва линија до зелениот појас, за што своевремено добиле такво право.
Зоран Симоноски, директорот на „Градски Гробишта“, денес јавно прозборе за проблемите во ЈП “. Тој настапи со одговор на поставените прашања на Телевизија ТВМ кои се однесуваа на неодамна донесената одлука за измена и дополнување на постоечкото урбанистичко решение за гробната парцела Х 402, која ја донесе Управниот одбот на ЈП. На прашањата, Дали со одлуката има нарушување на ДУП и узурпација на заеднички простор, Дали има право како директор на ЈП само со одлука на УО да врши проширување на гробиштата, и дали сите засегнати граѓани од наведените гробни парцели се согласни со ваквата одлука, Симоноски тврди дека немало никаква узурпација и нарушување на зеленило и на заеднички површини.
„Токму по барање на дел од засегнатите граѓани ние со Управниот Одбор донесовме одлука за дополнување на постоечкиот проект за парцијализација значи се работи за постоечки проект за парцијализација и дополнување на редови во склоп на ДУП. Таков проект по Законот за гробишта го изработува правното лице односно во конкретниов случај ЈП „Градски Гробишта“ и тој план кај нас постои и изработен е во 2011 година колку што се сеќавам и ние точно пристапивме по тој план и нема никакви нарушувања на габаритите односно димензиите по тој план а камо ли по ДУП“ – вели Симоноски.
Со ваквиот одговор на Симоноски, не се согласува изготвувачот на ДУП за гробишта, Благоја Сметеноски кој цврсто стои на својот став дека вака донесената одлука е непромислена со трајни и штетни последици за квалитетна функција на комплексот градски гробишта Охрид, од причини дека се нарушува сообраќајната функција во гробиштата, се уништува зелениот појас помеѓу гробните полиња, се отстапува од предвиденото проширување на гробиштата според планот и се затвора предвидениот канал за заштита од надојдени води. Тој вели дека има термини во урбанизмот кои можат да се злоупотребуваат, но истите не се совпаѓале со крајниот резултат.
Симоноски пак смета дека не држеле коментарите на стручњаците кои сметаат дека има нарушување на ДУП, бидејќи таква појава имало во мандатот на претходните раководства на ЈП.
„Вие сте сведоци дека гробни места се издавани на сами улици, на асфалт, исто тогаш, овој УО донесе ваква одлука за внесување на нови редови но во склоп на тој постоечки план за парцеализација за да луѓето ги обештетиме и ова раководство работи исклучиво согласно Законот за гробишта и сите други прописи“ .
Симоноски тврди дека не постојат суштински проблеми кои во прашање го доведуваат функционирањето на гробиштата бидејќи финансиската сосатојба во претпријатието никогаш не била подобра. Тој појасна дека од претпријатие каде наследиле бројни дубиози, долгови по сите основи, се тоа било надминато, исплатени биле сите долгови и претпријатието денес било застанато на здрави нозе и се движело во насока на подобар развој. Симоноски исто така нагласи дека цената за гробните парцели низ целиот комплекс гробишта е иста и утврдена согласно донесена одлука од страна на Советот на општина Охрид.