Матурантите од Јахја Кемал вистински дипломати
Се дружеа, разменуваа идеи и мислења, се според протокол и со соодветен код на облекување. Велат дека ова е прекрасен начин да се подготват за нивните идни кариери.
Соодветен код на облекување, став и држење, следење на официјален протокол но пред се дружба, размена на идеи и мислења. Матурантите од приватното средно училиште “Јахја Ќемал” организираа симулација на дипломатски прием кој навистина изгледаше уверливо и впечатливо. Тие рекоа дека ова за нив е еден интересен и возбудлив настан, но и настан кој ќе им помогне многу во нивните идни кариери.
“Сметам дека е прилично важен манир, јас планирам да ги продолжам моите студии на меѓународно право или меѓународни односи, нешто во тој стил, затоа ова би ми било како еден тест, како една подготовка за мојата идна кариера која планирам да ја имам.”-вели Петар Шипинкаровски ученик во ПСУ “Јахја Ќемал”.
Директорот на “Јахја Ќемал”, Исмаил Ердил на учениците им порача дека ова е само еден мал поглед во нивната иднина.
“Гледам лица на идни дипломати, инженери и архитекти тука. Се надевам дека образованието кое го стекнавте тука, не само за овој дипломатски настан, ќе ви помага низ целиот ваш живот. Ви посакувам добредојдовте на сите, на овој настан и уживајте.”-рече директорот на ПСУ “Јахја Ќемал”, Исмаил Ердил.
Заменикот директор на Јахја Ќемал, Коста Хиохи вели дека оваа симулација на дипломатски прием е веќе традиционален настан кој се одржува во овој период од годината.
“Станува збор за еден подолг процес на обука каде што нашите ученици претходно се обучувани теоретски во однос на тоа како треба да се однесуваат, како треба да се облекуваат. Им се дава простор малку и самите да истражуваат како тоа се прави на различни дипломатски приеми формални и неформални, а ова што сега го гледате е финалето на некој начин на сето она што се случуваше и тука во пракса нашите ученици ќе го покажат сите оние сознанија кои што ги акумулираа во текот на овој период.”-изјави Коста Хиохи-заменик директор на ПСУ “Јахја Ќемал”.
Подготовките за овогодинешната симулација на дипломатски прием траеле околу месец дена, а како и изминатите години на настанот беа поканети и официјални лица од општините Охрид и Струга. Свечениот настан воедно беше збогатен и благодарение на честитките кои матурантите ги упатија кон својот директор Исмаил Ердил, а по повод неговото магистрирање. Инаку годинешната симулација е четврта по ред.