Охрид за Новогодишните празници исполнет
Прекрасниот Охрид кој деновиве блесна како од бајка пред Новогодишните празници, магнет за бројните гости да го посетат бисерот на Балканот. Годинава хотелско угостителските капацитети за Новогодишните празници се исполнети. Во структурата на гости доминираат оние од соседните земји и Блискиот Исток, додека пак сеуште мал е интересот на домашните гости за охридската новогодишна понуда.
Охрид за Новогодишните празници очекува гости од целиот свет. Хотелите очекуваат солидна посетеност за престојните празници. Според направените резервации и закупени аранжамни, најбројни и оваа година ќе бидат гостите од соседните држави Бугарија, Србија, Албанија, Косово, а неизбежни се и традиционалните гости од Црна Гора, вели Климент Наумов, претседателот на здружението туристички водичи „Кеј“. Додава дека ќе има присуство на гости и од далечниот Исток, тие немаат сезонски карактер и преку цела година се присутни на нивните кружни тури низ Балканот. Наумов со свое размислување што е она што градот го прави посебен за новогодишните празници да примамува огромен број туристи.
„Охрид несомнено е еден бисер на Балканот и една дестинација која што е доста посакувана, бидејќи во последно време знаеме дека има доста немири на Блискиот Исток ги натера луѓето да се пренасочат на Балканот, а Охрид може да се рече дека е едно место кое може да ги задоволи сите вкусови. Пристапни цени релативно добар квалитет на услугата и несомнено низа атрактивности што ги привлекува гостите“ – вели Наумов.
Новогодишните празници ќе бидат организирани на највисоко ниво, со повеќе настани, со цел Охрид да ги задржи гостите колку е можно подолго, изјави првиот човек на градот Никола Бакрачески.
„Она што е наша обврска, ние како и минатите години ќе имаме богата Новогодишна програма која не подразбира само ангажирање на културно уметнички друштва и естрадни уметници, како што и самите гледате се трудиме да се направи една екстензија или проширување на периодот на одбележување на новогодишните празници со десеттина дена, со програма пред новогодишните празници, една програма за Новата година и понатаму се до празникот Богојавление Водици“ –изјави Бакрачески.
Според податоците кои Телевизија ТВМ ги доби од Секторот за ТЛЕР, 100% исполнетост имаат хотелите „Метропол“, „Милениум Палас“, „Белведере“, „Силекс“, „Сити Палас“ и „Гранит“. Додека пак останатите хотелско угостителски капацитети на брегот на Охридското Езеро за Новогодишните празници се резервирани 80 %.