Да се создаде магичен свет за децата во училниците за да се поттикне нивната креативност
Според Весела Богдановиќ една од педесетте најдобри наставници во светот, наставните програми не се тие кои дефинираат како наставникот ќе им предава на своите ученици, ниту тоа кои средства наставникот ќе ги употреби за да ја поттикне креативноста кај своите ученици.
Наместо само празно теоретско учење, повеќе практични примери и создавање на креативна атмосфера и опкружување за поттикнување на најдоброто во децата. Потребно е вклучување не само на професорите и децата, туку и на родителите како би се создала и одржувала таа креативна атмосфера, смета Весела Богдановиќ, една од најдобрите педесет наставници во светски рамки. Според неа, многу е важно сите инволвирани страни да разберат колку многу може да се постигне со малку вложен труд. Едно избоено столче, прозорец, разубавена училница може да стори многу во насока на поттикнување на дечињата и нивното креативно размислување.
“Кога ќе видиш дека тоа е нешто што е навистина изводливо, да ти за два часа направиш магичен свет околу тебе, а за таа цел користиш неколку хамери, десетина нека се во бои, играш со бои, комбинации на идеи и сето тоа го претвораш во еден магичен свет околу тебе и тоа е реално изводливо, многу е подруга атмосферата, тоа веднаш ги поттикнува да прават план што можат плус да направат, што можат плус да придонесат, како плус да се здружиме, практичниот начин на покажување на работите е многу важен за да се покрене, било која работа. “-вели Весела Богдановиќ, професор.
Богдановиќ вели дека за жал професорите во денешниот образовен систем имаат помалку време да се посветат на воспитно-образовниот процес поради бројните административни обврски. Додава дека ова е пречка на која голем дел од нејзините колеги се повлекуваат, но дека има и такви кои ќе се изборат за некој покреативен начин на пренесување на знаењата.
“Многу убави проекти се раѓаат, започнуваат и течат кои работат токму на надминување на тој проблем. Зошто велам дека не е важно која е програмата по која што се работи, за креативната средина да биде убава и шарена, на дечињата да им биде блиска и убава тоа го прави самиот наставник. Проблемот е што често се менуваат следните очекувања од наставникот. Така да фокусот се трга од тоа и се насочува на пример како сега на некои документации, изработка на ваков дневник, таков дневник, сите тие работи го дефокусираат вниманието, го тргаат на други работи, а се заборава училницата и она што е внатре во нејзе.”-рече таа.
Богдановиќ вели дека не може да се обвинат програмите дека тие ја кочат креативноста и кај професорите и кај децата. Додава дека дури и пред многу години, со многу постари образовни програми професорите ја имале слободата во изборот на средствата со кои ќе ја реализираат истата. Сепак Богдановиќ истакна дека иако новите образовни програми и стратегии се добри, дел од нејзините колеги се соочуваат со бројни проблеми во делот на нивна реализација бидејќи чести се според неа случаите кога се бара работа во група, а во една училница учат и повеќе од 30ина ученици.