Младите ќе учествуваат во креирање на нивната политика
Младината активен учесник во креирањето политиките на локално ниво. Препораките добиени од поединци, младинските организации, локалните младински совети како и институциите, ќе бидат инкорпорирани во еден документ кој што ќе ги даде насоките при креирање на политиките за млади.
Денеска во Струга се одржа консултативна средба. Креирањето на финалните препораки кои ќе ја отсликуваат состојбата на младите луѓе во Југозападниот регион на Македонија и кои ќе влијаат врз подобрување на нивната општествена состојба, беше тема на денешната средба меѓу, Национален младински совет на Македонија и Младинската инспиративна група Македонија. Младите луѓе имаат капацитет и сила да бидат кредибилен партнер на владините институции при донесувањето на младински политики. Но пред сѐ и над сѐ, мотивацијата на младите лежи во тоа што денешните политики ја обликуваат утрешнината – онаа во која ќе се насели денешната младина, истакна Сунај Сабриоски член на младинска инспиративна група.
„Целта на ваквите консултативни средби е апсорбирање на информации од страна на младите кои што ќе бидат преточени во една крајна препорака на завршната конференција која ќе се случува наредната година. Препораката ќе биде испратена до сите надлежни институции во однос на темите кои ги имаме опфатено. Идејата е да придобиеме информации од страна на младите во однос на проблематиките со кои се соочуваат“.
Ваквите средби се од исклучително значење посебно за младите бидејќи тука директно може да се слушне нивниот глас, изјави Славица Јовческа регионалниот координатор на националната младинска канцеларија. Таа додаде дека се обидуваат преку една независна група на млади, да постават нови критериуми за младите и да направат нешто повеќе за нивната улога во општеството .
„Во процес е формирањето на Локалниот младински Совет во Струга. Тоа би требало да биде соодветно претставничко тело бидејќи такво тело досега немаше во општината. неговата задача е да ги посочи проблемите на младите, бидејќи како сите млади во Македонија ги имаме проблеми од сите аспекти, невработеност, практична работа, надополнување на образование, промена на образование, наоѓање соодветно работно место и сл“.
Четвртина од населението во Македонија е на возраст од 15-29 години. Затоа Националниот младински совет на Македонија ја формираше Младинската инспиративна група МК. Таа е составена од 9 члена, претставници на организациите членки на Националниот Младински Совет Македонија.