Skip to main content

Од синоќа започна предновогодишната програма во градов

Од синоќа започна предновогодишната програма во градов. Предвидено е да настапат многу дечиња од основните училишта и градинките како и млади охридски уметници. Групата „Компас бенд“,  охриѓанецот Боби Мојсоски, музичката ѕвезда Викторија Лоба, охридски ди џеј и ансамблот „Билјана Јуниор“ ќе ги забавуваат охриѓани и гостите за новогодишната ноќ.

 |  Јаковлева Лионела  | 


Градоначалникот Никола Бакрачески ја обелодени програмата за предновогодишните и новогодишните празници.  За дочекoт на Новата 2016-та година охриѓани и гостите ќе ги забавуваат групата „Компас бенд“,  охриѓанецот Боби Мојсоски, музичката ѕвезда Викторија Лоба, охридски ди џеј  и ансамблот „Билјана Јуниор“.
Градоначалникот очекува за новогодишната ноќ плоштадот да биде исполнет со гости, а ветува одлична празнична забава.

Очекуваме преполн плоштад на самиот дочек, но и според најавите на туристичките агенции, хотелитерите како и од приватните станоиздавачи, очекуваме Охрид и оваа година да биде препон со гости за новогодишните празници. Најголем број од нив ќе бидат од Република Македонија но и од соседните држави пред се од Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија. Најавено е и присуство на гости од Полска и Турција, рече градоначалникот.

Предновогодишната програма започна од синоќа, а на неа ќе земат  учество ученици од основните и средни училишта, дечиња од градинката „Јасна Ристеска“, учесниците од детскиот музички фестивал „Распеано Рибарче“,  „Распеаните ѓерданчиња“, културно-уметнички друштва и танцови клубови. Синоќа свој настап  на плоштадот има учениците од основните училишта и од танцовиот клуб „Соната“.
Инаку, Бакрачески годината која е на изминување ја смета за успешна барем според бројот на гостите кои го посетија Охрид. Тој рече дека новогодишните и божиќните празници треба да бидат само продолжение на годинешната успешна туристичка сезона.

Се надеваме дека новогодишните празници ќе бидат еден финален дел, ќе ја комплетираат сликата на успешната сезона која што ја имавме оваа година, која бележи растечки тренд во однос на минатите години. Според податоците кои се уште се обработуваат а за кои наредниов период повторно ќе излеземе со детали пред медиумите, има пораст во бројот на гости за 11% споредено со минатата година и пораст на остварените ноќевања за околу 7,6% во однос на лани, подвлече Бакрачески.


Охрид веќе е обвиен во празнично руво а за тоа општината потроши околу еден еден милион и 180 илјади денари. 700 000 ден. ќе се потрошат само за дочекот на новата година со што ќе бидат покриени и хонорарите на естрадните уметници.