Изготвен предлог на закон за медицински сестри и акушерки
Професијата медицинска сестра не е конкретно утврдена како професија.
Обуката на медицинските сестри е сложена и може да се одвива по неколку различни патишта: општа програма во средно образование со траење од две години; програма за високо образование со траење од три години (ниво на диплома) која завршува со 180 ЕКТС поени; или специјалистичко средно стручно училиште со времетраење на програмата од четири години. По завршувањето на обуката постои обврска да се реализира и одреден стаж (кој може да биде 6 или 10 месеци, зависно од програмата која била завршена) по што следи устен државен испит (теоретски и практичен) кој го организира испитна комисија, по што и се добива уверение за положен стручен испит. Специјализации за медицински сестри во моментов постојат во: патронажа, ментално здравје, интензивна нега, акушерство, работа со инструменти, геријатрија, пренатална и примарна медицина.
Постојат категории на „медицинска сестра“ и „медицинска сестра – техничар“ Професијата акушерка, исто така, не е потенцирана како посебна професија во Законот за здравствена заштита. Пред 1996 година обуката за акушерки се одвиваше на ниво на средно образование, а оттогаш имаме тригодишна факултетска програма за која се стекнува диплома. Акушерката мора да реализира и стаж од 10 месеци по што следи устен државен испит кој го организира испитна комисија, по што и се добива уверение за положен стручен испит.
Поради бројни прашања кои е потребно да се решат за професиите медицинска сестра и акушерки, а имајќи ја во предвид важноста на нивната улога во здравствениот систем, Министерството за здравство изготви предлог на закон за медицинските сестри и акушерките. Изготвениот предлог на закон беше доставен до релевантните здруженија и во истиот се интегрирани нивните прифатливи предлози за подобрување на предлог законскиот текст. Започната е комуникација со образовните установи заради усогласување на курикулумите на медицински сестри и акушерки од Р.М. со курикулумите од ЕУ чиј рок на завршување епоследен квартал на 2015 година.
Оваа активност ќе се одвива со забрзана динамика по донесување на законот за медицински сестри и акушерки. Паралелно со изготвување на предлог законот се изработува и анализа во сите ЈЗУ-а низ целата територија, со цел да се одреди бројот на медицински сестри и акушерки и нивниот степен на образование.