Општинскиот Совет за безбедност со нови проекти
Велосипедско поврзување на Охрид и Струга , велосипедска патека за секоја охридска улица и формирање на ученичка сообраќајна единица, се три проекти кои ќе бидат реализирани наредната 2016 година, обелоденува претседателот на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата Стефан Димоски. Но паралелно ќе течат и останатите активности за едукација и превенција во безбедноста во сообраќајот на таргет групите, односно најмладите, пензионерите и лицата со посебни потреби.
Клучот за зголемување на степенот на безбедност во сообраќајот е во континуирана едукација на најмладите, истакна претседателот на Советот за безбедност во сообраќајот Стефан Димоски. Денес ова тело ја одржа последната седница за годинава на која беа заокружени сите активности на Советот во периодот од јуни до декември месец годинава. Со цел подигнување на нивото на безбедност на сите учесници во сообраќајот, како и подигнување на нивото на јавна свест, Советот реализира низа проекти од едукативен и превентивен карактер со цел да се елиминираат можностите од сообраќајни незгоди, пренесува Димовски. Додаде дека веќе ги имаат првите позитивни ефекти од нивната работа.
„Пред се кај младите значително е зголемен степенот на внимателност, како и бројот на информации кои што ги користат кога станува збор за сообраќајните правила и прописи. Не само што ги користат туку и ги практикуваат“
Димоски ги истакна приоритетите со кои ќе се занимава Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во 2016 година.
„Три проекти општинскиот Совет за безбедност достави до републичкиот Совет за безбедност кои се веќе влезени во нивната програма за 2016 год, се работи за проектот „Велосипедско поврзување на Охрид и Струга “, „велосипедска патека за секоја охридска улица “ и проектот „формирање на ученичка сообраќајна единица“, која што ќе биде голема помош за сообраќајната полиција во градот. Имено ние планираме едукација на ученици од електро машинскиот училишен центар од сообраќајната струка кои ќе бидат во соработка со полициските службеници од СВР едуцирани како да помогнуваат во сообраќајот во градот“ – вели Димоски.
Проектите се реално издржливи и остварливи бидејќи сериозно пристапваме кон нивна реализација, вели Димовски. Посебно, нагласи дека републичкиот Совет за безбедност веќе остварил контакти со Холандската амбасада во РМ за реализација и за прибирање искуства и информации за проектот, велосипедско поврзување на Охрид и Струга, кој пак проект е од големо значење за двата крајезерски града не само за мештаните на Охрид и Струга туку и за бројните туристи како посебна туристичка атракција.