Денес е Свети Наум – исцелител и просветител
Свети Наум заедно со Свети Климент го проповедале Светото Евангелие
Денес православните христијани го слават Свети Наум, познат како исцелител и просветител на македонскиот народ. Денес именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка…
Свети Наум заедно со Свети Климент го проповедале Светото Евангелие, ги просветиле словенските народи со благата Евангелска наука. Поминале низ многу места во Девол, Панонија, се до Илирик. Потоа дошле на брегот на Охридското Езеро. Додека Свети Климент бил Епископ во Охрид, Свети Наум основал манастир на јужниот брег на езерото. Со време во манастирот настанало големо братство на монаси, на кој Свети Наум им бил мудар духовен учител и раководител. Тој посебно се трудел околу преведувањето на Светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на словенски јазик.
Како учител и свештенослужител во овој крај останува до смртта. Починал во првата половина на десетиот век откако доживеал длабока старост.
Според неговото житие, чудата на Свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото. Бројни чуда се јавувале за време на неговиот земен живот, а посебно по неговата смрт преку неговиот дух, гробот и изворот од под карпите. За помош доаѓале луѓе од сите краишта и од сите вери и народности. Бројни се примерите како се зачнал плод кај неродилки, како дете по две-три години заодело или прозборувало, откако неговите родители биле да му се помолат на Свети Наум.
Неговото свето тело и денес лежи во манастирот кој го носи неговото име.