На Бадник, охриѓани коледарчињата ги даруваат и со колачиња во вид на гугутки од тесто
На Бадник, охриѓани коледарчињата ги даруваат и со колачиња гугутки.
Коледарите со дрвено чеканче и песната „Сива, сива гулабица“ посетувајќи ги домовите на православните христијани на Бадник го најавуваат Христовото раѓање. Утрово и во домот на охриѓаните Бабачеви коледарчињата ја запеја веселата Божиќна песна. Домаќинката Весе Бабачева при тоа ги даруваше со овошје, бомбони, пари. Иако, во некои од поновите градски населби се поретко ги има коледарите со песна да го најават празникот за среќа тоа не е случај и во Варош.
„ Лани и оломнани беше послабо со коледарчиња. Годинава малку повеќе ги имаше, помали и поголеми деца некој се на распуст и се дома. Во Варош има помалку деца ама за среќа сепак има коледарчиња“, напоменува Бабачева.
На Бадник верниците одат во црква на свечена литургија и носат колач или проскура. Во Варош, домаќинките за коледарињата подготвуваат и ги даруваат и со колачиња во вид на гулапчиња така викани гугутки месени од тесто, раскажува за овој варошки обичај Бабачева.
„ Традиционално им се дава на дечињата по едно гугутче. Колачите се печат во зависност од бројот на децата во семејството кои добиваат по едно гугувче. Исто така се даруваат и коледарчињата кога ќе ја испејат коледарската песна. Гугутките се подговтвуваат од тесто за леб. Се замесува тесто од брашно со квасец и вода, се сучат и виткаат разни форми од тестото“, раскажува Бабачева.
За Бадник домаќинките подготвуваат посна трпеза. Се изнесуваат подготвените посни јадења како посно гравче и сарма, тиква, расол. Домаќинките вредно се подготвуваат и за утрешниот празник Божик готвејќи свечен ручек на кој се собираат сите членови од семејството, а се посетуваат блиските роднини. За утрешниот празник Божик се прават и подготовките за охридската визита каде што се оди на гости и се посетуваат сите кои го носат името Христо, Ристе и Христијан.