Охриѓани за Василица подгототвуваат топејнца
Охриѓани за Василица подгототвуваат топејнца.
Во Охрид за Василица или за Православна Нова година се подготвува топејнца.Учителката во пензија Велика Стефанова на овој ден ја подготвува во нејзиното семејство почитувајќи ја традицијата на нејзината мајка. Раскажува дека топејнцата се подготвува од варено тесто во кое има вода, сол, шеќер и брашно. Вареното тесто се дели на топчиња кои намастени едно врз друго се плескаат колку што е ширината на тепсијата. Тестото се шара засекувајќи го со лажица по целата површина на тепсијатат , на растојание од 1 цм и се пече, објаснува Стефанова.
„ Се печи полека, а потоа се крши и се дроби како за попара. Може да се јаде и така, но традицијата не е довршена на тој начин. Се продолжува од кога ќе се искрши на парчиња да се пржи на тивок оган со саати, да се истопи како алва. Дури тогаш се добива убав неспоредлив вкус со ниедно друго тестено јадење, се топи во уста додека се јаде“, раскажува Стефанова за овој охридски ритуал.
Во минатото време, во охридското традиционално семејство, обичај било да се бара паричката која носи среќа во топејнцата.
„За благосостојба на фамилијата од овошните дрва во бавчата ќе скршевме гранка и сув магарешки трн, кој дедо ми го викаше василка, Василица. Скришно ќе ја ставеа паричката во некој крај од топејнцата, а ние јадејќи од вкусното тесто ја баравме паричката“, објаснува Стефанова.
Охридските семејства кои држат до традицијата денес го подготвуваат овој специјалитет. Подготовката на топејнцата се пренесува од колено на колено и потсетува на доѓањето на нов период од животот кога се надеваме дека новата година ќе биде подобра од претходната.