Препораки за капачите за Водици
Вкупно 8 тимови на спасители на вода од охридскиот Црвен крст, распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци како и 4 нуркачки тимови ќе се грижат за безбедноста на капачите кои во вторник на 19-ти јануари ќе скокаат по Светиот Крст во водите на Охридското Езеро. Спасувачките екипи ќе бидат засилени и со 8 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со 2 медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила.

Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридското Езеро кај пристаништето која изнесува 9 степени и екстремно ниската температура на воздухот која според најавите на 19-ти јануари ќе може да се спушти од -10 до -18 степени, Црвениот крст повикува на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои Ќе се одлучат да влезат во водите на Охридското Езеро.
-Препорачуваме капачите да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем, а доколку влегуваат во вода, во неа треба да се задржуваат многу кратко и не подолго од 5 минути. Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности. Се препорачува да не конзумираат алкохол пред влегување во вода бидејќи алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот. Исто така капачите пожелно е да носат обувки, велат од Црвениот крст.
Заради нивна поголема безбедност и заштита, капачите ќе можат да ја проверат својата здравствена состојба во понеделник на 18-ти јаунари од 19 до 23 часот на пунктот на Црвениот крст кој ќе биде поставен на платото помеѓу Капетанијата и ресторанот „Чун“.
-Апелираме и препорачуваме до скокачите по крстот да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од 9 степени и излегување на копно со температура на воздух од -10 степени, препорачуваат од Црвениот крст.
Инаку во текот на денешниот ден нуркачките тимови го исчистија дното на езерото во потегот на градското пристаниште и ги отстранија сите опасни предмети кои може да им наштетат на капачите.