Охрид и Воден ќе градат соработка и надвор од проектот Water.net
Во моментов се работи на втор проект помеѓу двете општини за стимулирање на локалното претприемништво, но според градоначалникот Бакрачески, за скоро време може да се аплицира и за уште еден проект од ИПА програмата за прекугранична соработка.
Соработката помеѓу општините Охрид и Воден (Р.Грција) не застанува само на проектот Вотер нет, а со кој беше финансирана изградбата на дел од пешачката патека кај Студенчишта, модернизацијата на кујната во факултетот за туризам и угостителство, но и предвидената изградба на ботаничката градина во факултетот и изградбата на современиот туристички информативен центар. Денес градоначалниците на двата града, заедно со свои делегации на втор координативен состанок го разгледуваа статусот токму на овие спроведени активности. Но ова, според градоначалникот Никола Бакрачески е само почеток на плодната соработка.
„Би рекол во завршна фаза е утврдувањето на финансиската конструкција за вториот проект кој општина Охрид, односно Секторот за ТЛЕР го обезбеди за општина Охрид, за стимулирање на локално претприемништво, кој исто така ќе биде финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција, и секако дека во тек е веќе објавата на нови програми за кои општина Охрид најверојатно ќе аплицира заеднички со партнерот од Р.Грција, за кои голема е веројатноста доколку навремено аплицираме со квалитетни проекти и овој трет проект кој што би бил одобрен од страна на ИПА програмата за прекугранична соработка, општина Охрид би го обезбедила во период од две до две и пол години.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Градоначалникот на Воден, Димитриос Јану, вели дека партнерството помеѓу овие два града е соработка која ќе донесе позитивни вредности за луѓето.
„Имаме многу заеднички нешта, заедничка традиција, култура, за реализација не само на овој проект Вотер нет, и заедничкиот елемент кој го имаат и Охрид и Воден, водата, туку исто така и да се подобрат можностите и идеите за нови проекти и затоа сме тука. Воден веќе има искуство со европските проекти, но и луѓето од Охрид работат напорно со цел да се реализираат не само целите, туку и можностите за идна соработка и идни партнерства и секако добри резултати за новите проекти.“-рече градоначалникот на Воден, Јану.
Инаку само за потсетување, проектот Вотер нет е проект кој се финансира со средства од ИПА програмата за прекугранична соработка, а во рамките на кој, за македонска страна се предвидени средства од околу 210 илјади евра, а воедно рамноправни учесници во реализацијата на истиот се и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и Универзитетот од Солун.