Охриѓани го прославија Денот на Рибарите
Денот на Рибарите повторно се одбележа на култното место, Сараиште. Со песна, пача, рибна чорба, вино и ракија охриѓани се навратија на страта традиција кога светиот крст тајно на овај ден се фрлал во водите на езерото.
Охриѓани го прославија Денот на Рибарите. На култното место Сараиште каде се празнувал од памтивек, со староградските песни на групата Билјана јуниор, со рибната чорба која ја подготвија учениците од СОУ „Ванчо Питошески“, традиционалната пача направена од студентите на гастрономската насока на ФТУ, вино и топла ракија, уживаа граѓаните кои пристигнаа во голем број од сите краеви на државава, па и од странство. Овој настан подеднакво е интересен и за најмладите, но и за повозрасните генерации.
Градоначалникот Никола Бакрачески кажа дека Денот на рибарите е еден белег на Охрид и охриѓани кој треба да се негува како нешто автентично и незаменливо. Тој потсети на годините кога овој настан имал поинакво значење.
Во времето на комунизмот бидејќи било забрането фрлањето на крстот охриѓани тоа тајно го правеле на овој ден. Под изговор дека се капат за да ја означат риболовната сезона тие крстот кој го криеле под облеката го фрлале во езерото и на тој начин го осветувале. Оваа традиција ни е аманет од претходните генерации и ние мора да ја продолжиме и тоа на што поавтентичен начин, вели градоначалникот.
И возрасните охриѓани се присетија како во минатото се славел овој ден.
Ми раскажуваа постарите дека на овој ден тој што ќе се нурнел во студените езерски води ќе добиел бочка со вино од оние семејства кои биле поимашни. Така и мојот вујко го принудиле да го даде своето буре со вино кое собирало 85 литри. Неговиот внук бил тој кој го фатил крстот и го добил виното, вели охриѓанецот Љубомир Чаулев.
На денешната манифестација гости беа и Мечкарите од Воден. Тие во посебна облека со игра и танц прошетаа на Сараиште.
Овде е прекрасно. Многу интересно. Среќен сум што дојдов да го видам ова, вели еден од мечкарите.
Рибарите после оваа манифестација откако претходно се помолија во црквата Св. Никола Геракомија го извршија симболичното капење во езерото. Оваа година немаше трка по буриња со вино бидејќи традицијата си се врати на старите корени.