Skip to main content

Се зголемува бројот на заболени од грип

Се зголемува бројот на заболени од грип во охридскиот регион и во општина Дебрца. Но, од Центарот за јавно здравје кажуваат дека тој не е алармантен. Во споредба со овој период минатата година тој е за 20 пациенти помал. Но, сепак препораките за заштита од ова заразно заболување остануваат и понатака.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во Охрид расте бројот на заболени од грип. Од Центарот за јавно здравје велат дека до
почетокот на 2016та година бројот на заболени бил многу мал. Имало по 10 до 15 случаи неделно. Во текот на првата недела од оваа година биле регистрирани 45 нови случаи, а втората недела се зголемил на 69. Моментално бројката на заболени од грип кои се пријавени во центарот е 103.


Се очекуваше вакво зголемување на бројот на заболени од грип  посебно тоа е карактеристично за јануари и, а посебно за февруари кога е шпицот на ова заболување. Посебен проблем преставуваат променливите временски услови. Високите температури како што се денес се погодни за размножување на вирусите, а пак ниските придонесуваат за граѓаните полесно да се разболуваат,  вели Д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска.


Д-р Коровешоска вели дека доколку граѓаните забележат некаков симптом кој наведува дека се работи за грип веднаш да се јават на лекар и да им се препише соодветна терапија. Да не се плашат да примат Тамифлу бидејќи тој лек нема некои докажани контраиндикации, а многу помага при ова заболување. Најголемиот број на заболени од грип се на возраст од 15 до 64 годишна возраст. За среќа мал е бројот на болни деца  од предшколска или школска возраст.


Многу од пациентите се лекуваат во домашни услови па затоа бројката не е реална. Поголемиот број пријавени се преку матичните лекари. На инфективното одделение се пријавени 80 случаи, објаснува Коровешоска

Се очекува со почетокот на второто полугодие од оваа  учебна година да се зголеми бројот на заболени од грип , затоа се препорачува почесто проветрување на просториите, избегнување на групно собирање, земање витамини, често миење раце. На ниво на РМ се работи за грип од типот А и Б. Во охридскиот регион сеуште не е изолиран вирусот. Од Центарот кажуваат дека голем број граѓани веќе се заштитиле од ова заболување. За сезоната на грип 2015-2016та набавиле 3000 вакцини и речиси сите се веќе потрошени. Има уште педесетина за сите оние кои сеуште сакаат да се вакцинираат. Објаснуваат дека дури и кога е епидемија на грип може да се врши вакцинирање. Секако најдобро е вакцинирањето да се врши во октомври-ноември, но и сега не е доцна, додаваат докторите.