ЈП „Билјанини извори“ ќе се грижи за детското игралиште во близина на каналот Студенчишта
Од денес со одлука на совет ЈП „Билјанини извори“ ќе се грижи за детското игралиште во близина на каналот Студенчишта. Во иднина откако ќе се реконструираат постоечките детски паркчиња,а ќе се направат и нови ќе се практикува овој начин на стопанисување со цел истите да се заштитат од вандалските чинови на поединци.
ЈП „Билјанини извори“ ќе се грижи за детското игралиште во близина на каналот Студенчишта. Ова беше одлучено на денешната седница на Совет. Причина за ваквата одлука е што ова детско катче после цели 11 години пред десет дена целосно е реконструирано, адаптирано и проширено, со помош на средства во висина од 8.000 евра доделени од амбасадата на СР Германија. Проектот е реализиран во соработка со Локалната самоуправа, од Охрид. Општината сакајќи да го зачува во добра состојба му одреди стопан.
Генералниот став на локалната е за одредени добра во градов да има точно утврдени субјекти кои ќе се грижат за нив, па затоа се одлучивме за овај детски парк да се грижи ЈП „Билјанини извори“, рече секретарот на општината, Димитар Спасески.
Како што при отварањето на ова паркче кажа градоначалникот Никола Бакрачески општинската програма за сестран детски развој и за уредување на ваквите катчиња ќе продолжи и во иднина па планирано е да се изградат 10-тина игралишта за деца и за возрасни. Овие кои сега ги имаме во градов треба да се реконструираат па тогаш ќе се одреди кое јавно претпријатие од градов ќе се грижи за нив.
Јас верувам дека по комплетното завршување на проектот кој е најавен за изградба на нови игралишта и обновување на постоечките ќе се пренесе и правото за одржување бидејќи само така ќе ги заштитиме од вандалското однесување на поединци, рече Спасески.
Спасески смета дека ова е вистинскиот начин за зачувување на општите добра во градов. Конкретно за детските паркчиња нагласи дека во повеќе наврати општината ги обновувала, но повторно биле уништувани. Побара и од граѓаните да покажат една повисока свест и да се грижат за овие катчиња во кои уживаат не само децата туку и повозрасните.