Расте интересот на младите охриѓани за пчеларење
Расте интересот на младите охриѓани за пчеларење.
Охридските пчелари по подого време се задоволни од минатогодишната реколта на медот. Минатата сезона пчеларите извадиле во просек 15 килограми високо квалитетен мед од пчелно семејство, информира Тони Јосифоски, претседател на охридското здружение на пчелари. Години наназад приносите на мед се во опаѓање, па пчеларите се задоволни и со овие приноси. Тие се свесни дека успешноста во дејсноста со која се занимаваат зависи од нивното обединување и пратење на современите научни знаења и технологии во пчеларството. Засега охридските пчелари не може да го следат примерот на охридските овоштари кои неодамна ја брендираа црешата, иако охридскиот мед важи за еден од најквалитетните во земјава.
„ За извоз количини на мед нема. Сите пчелари сме со дополнителна дејност. Помалку има пчелари кои се со основна дејност. Засега нема извоз. Со организирање на фестивалот „ Денови на Охридскиот мед“, во екот на сезоната, сме во голема борба да докажеме дека охридскиот мед е квалитетен“, напоменува Јосифоски.
Искусните пчелари кои се занимаваат со оваа стопанска гранка се задоволни од интересот на младите луѓе за вклучување во пчеларството. Јосифоски кажува дека тие се трудат да набават пчелни роеви, но пчеларската опрема е посебен проблем за нив.
„ Во Македонија ја има да се набави преку трговците но е многу скапа. Баравме во ноември минатата година од ресорното министерство да влезе во националната програма и да се олесни набавката. Средствата иако се намалија од 3000 евра на 500 евра пчеларите може да аплицираат за овие средства од предпристапните фондови на Ипард програмата кои се доволно пари за пчеларите да ја купат потребната опрема“, напоменува Јосифоски.
Во моментов во охридското здружение активно членуваат 40 -тина пчелари. Јосифоски очекува во пролетните месеци бројот да се зголеми со приклучувањето на поголем број млади пчелари кои можат со посветена работа да остварат солиден приход.