Skip to main content

Враќање на најкултниот брод на светот

Титаник II ќе биде 4 метри подолг од оригиналниот од технички причини

 |  инфодеск  | 

Новиот Титаник проект е дело на австралискиот милијардер Clive Palmer и неговата компанија Blue Star Line. Бродот практично ќе изгледа идентично како оригиналниот – должината на бродот ќе биде 270 метри, висината 53 метри, а тежината 40 илјади тони. Репликата на бродот со најнесреќна карма во историјата ќе има девет нивоа со 840 кабини во кои ќе можат да се сместат 2.400 патници и 900 членови на екипажот.

Клучната разлика помеѓу новиот и стариот брод ќе биде во бројот на чамците за спасување кој Титаник не ги имаше доволно поради што при неговото потонување се спасија само 706 лица, а се удавија 1517.

Како и на оригиналниот, сместувањето за патниците ќе биде организирано во три класи, додека од луксузните детали Титаник II ќе има турски бањи, теретани и базен. Маркетиншкиот директор на Blue Star Line, James McDonald, за амбициозниот проект тежок 500 милиони евра рекол: “Новиот Титаник ќе има модерни процедури за евакуација, сателитски контроли, дигитална навигација и радaрски систем – сите работи кои се нормални на брод од 21-ви век. Сами ќе инвестираме во бродот, но имаме и многу заинтересирани компании од Дубаи. И да, имаме право на името Титаник II”.

Првото патување на бродот е планирано за 2018 година, но за разлика од Титаник од 1912 година кој исплови од Саутемптон кон Њујорк, овој ќе исплови од кинескиот град Јингсуа кон Дубаи, пишува Independent.